Јас како Зоран Заев ја нарекувам државата Македонија, сум Македонец, зборувам македонски јазик, но како премиер државата ја нарекувам уставно РС Македонија, вели премиерот и лидер на СДСМ.

Заев вели дека не се сомнева оти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ќе направи сѐ што може да ги поништи договорите со Грција и Бугарија, доколку победи на изборите и освои двотретинско мнозинство, коментирајќи ја изјавата на Мицкоски дека со 80 пратеници и Бадинтер ќе го поништи Договорот од Преспа.

Но, Заев прогнозира дека токму поради ваквите ставови на Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ нема да победи на изборите.

– Го гледам во сите интервјуа вели „јас се нарекувам Македонец, зборувам македонски јазик и ќе ја нарекувам државата Македонија“. Јас како Зоран Заев исто така ја нарекувам државата Македонија, сум Македонец, зборувам македонски јазик. Но како претседател на Владата, согласно Уставот и согласно законите, државата е РС Македонија, а јас сум Македонец кој што зборува македонски јазик. Е тоа е одговорно, објаснува Заев.