Никој нема да не спречи во борбата за силна реформа и прочистување на судството, порача генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски во вечерашното гостување на „Топ тема“.

Николовски оцени дека судството, за кое неговиот партиски лидер и премиер Зоран Заев рече дека го отворил како пупка, е еден од последните бастиони на „груевизмот“ чии остатоци сé уште се чувствуваат.

-Сé уште има остатоци од „груевизмот“ и од „сваровски“ судството. Оправдано е што граѓаните не се задоволни. Не сум ни јас.  И не треба да напредуваме само во економијата или да спроведуваме реформи во енергетиката, социјалата, земјоделство. Мора да го реформираме и прочистиме судството, истакна генералниот секретар на владејачката партија.

Тој најави нов, модерен, европски концепт на СДСМ, потенцирајќи дека, според сите анкети, граѓаните ги поддржуваат политиките кои водат напред, а не оние што враќаат назад.

-Граѓаните се убедени дека опозицијата нема нова понуда. ВМРО-ДПМНЕ ја блокира државата и сака да ја врати назад. Не може да живееме во времето на режимот, рече Николовски.

Потсети и дека оваа Влада донесе слобода и демократија заедно со граѓаните.

-За две години е направено многу повеќе од претходните 11 години. Имаме независни институции, дозволивме слободно да се критикува и да се делува. Веќе сме пред формално заокружување на членството во НАТО и пред отворање на преговорите со ЕУ. Денес не се градат споменици и скулптури, туку 850 километри патишта, подвлече Николовски.

Треба да се забележи дека „сваровски судството“ со „остатоци од груевизмот“ за кое говори Николовски, а кое Заев го „отвори како пупка“, на лидерот на СДСМ и премиер, му донесе две аболиции, а Македонија така стана единствена земја во Европа, веројатно и во светот, со премиер кој беше кандидат за Нобелова награда и досега има „освоено“ само две аболиции.