Целосно се оградувам од било каква моја инволвираност во споменатиот деловен спор што се води во судовите, изјави бившиот премиер Зоран Заев по вчерашното јавно обраќање на австрискиот амбасадор Георг Вуцас.

Австрискиот амбасадор преку соопштение до медиумите во кое на невообичаено директен начин упати критики до македонското правосудство затоа што австриска компанија не може да наплати отштета од фирма во Македонија, со реакција се јави експремиер и екслидер на СДСМ Зоран Заев, чиј член на фамилијата, но и самиот тој се споменуваат во дописот на амбасадорот.

Покрај оградувањето од било каква инволвираност во деловниот спор, Заев во реакцијата упатува и порака до австрискиот амбасадор дека ќе се видат на суд, ако повторно го спомене неговото име на ваков начин.

– Целосно се оградувам од било каква моја инволвираност во споменатиот деловен спор што се води во судовите. Колку што гледам и читам од соопштението на амбасадорот, овој судски деловен процес е јавен и транспарентен како и сите други судски процеси. Законите важат еднакво за сите и убеден сум дека судот ќе донесе законита одлука како и впрочем се очекува без разлика за кој грагјанин или правен субјект се однесува. Јас можам само да апелирам судот и правосудните органи, како и било која друга институција да си носат исклучиво законски одлуки и да не дозволат никој да им влијае на работењето и одлучувањето. Ако амбасадорот и амбасадата го споменат уште еднаш моето име во ваква негативна конотација нема да можам ништо друго да превземам освен што ќе морам да ги тужам за нанесена штета врз честа и угледот,
наведува Заев во реакцијата, пренесува порталот „Независен“.

Тој понатаму вели дека се смета за пријател на Австрија и дека за време на „својата одговорност како премиер сум воспоставил одлични пријателски релации и соработка со Австрија“ и оти нема да дозволи првиот претставник на Австрија во Македонија со „ваква леснотија и без било какви докази и аргументи да го валка моето име“.

– Следното споменување на моето име на ваков начин ќе значи дека ќе треба да се видиме на суд со амбасадорот на Австрија за да покаже и докаже било каква моја инволвираност, во спротивно ќе барам јавно извинување, надомест на штета за нарушени чест и углед и лично ке го известам австриското МНР и Владата на Австрија за ваквиот однос на амбасадорот на Австрија, вели Заев во реакцијата.

Австрискиот амбасадор образлагајќи го деловниот спор во кој, како што наведува, компанијата „АММА импорт експорт џи-ем-би-ејџ“ со седиште во Хоенемс, Австрија, поради манипулации и одолговлекувања од македонските судови не може да наплати отштета од 4,5 милиони евра од фирмата „Дена продукт увоз извоз Велес“ директно посочува дека во случајот е инволвирана фирма чиј сопственик е Емилија Заева – Костова, сопруга на сопственикот на „Дена“ Атанас Костов, но и братучетка на поранешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев.