Постапките за фабриката за производство на енергија од отпад што треба да се гради во Неготино се во тек. Се чекаат одговорите од надлежните институции. Се работи на правно-формални аспекти. Штом тоа биде завршено, Владата ќе донесе одлука за усвојување на проектот по што ќе биде уплатена банкарската гаранција од 10 милиони евра. По завршувањето на овие постапки, оди во Собрание, изјави денеска премиерот Зоран Заев.

Одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата во Владата, премиерот истакна дека станува збор за комплетно еколошки проект кој веќе се применува во Германија, Австрија и Словенија.

– Се работи за комплетно еколошки затворен проект каде што по пат на плазма или без согорување од сето она што останува како домаќински отпад, се влече природниот гас заради производство на електрична енергија којашто ќе биде супституирана со 180 евра од мегават. Тоа го прави самиот проект профитабилен и одржлив. Дополнително во самиот проект ќе постои претселекција каде што се што може да се продаде од пластика, железо, хартија, стакло итн. ќе биде влезен импут во приходите на самиот проект. Вакви проекти постојат 50-ина во Германија, 20-30 во Австрија, неколку во Словенија. Тие успешно функционираат, истакна Заев.

Додаде дека сите средства се обезбедени од приватната компанија „Зока трејд“, а парите доаѓаат од Луксембург. Инвестицијата, како што посочи, е согласно Законот за стратешки инвестиции.

Вкупната инвестиција на проектот е 327 милиони евра. Покрај системот со сите сепарации што ќе се прават околу фабриката за производство на енергија од отпад, ќе има и 22 станици и потстаници и 100 камиони за транспорт на целиот отпад.

– Ова е навистина нешто што светот веќе го има и го практикува и верувам дека и во Северна Македонија ќе го имаме набрзо, рече Заев.