Верувам дека парламентот е подготвен да ги донесе измените на Законот за контрола на опојни дроги со кои ќе се овозможи извоз на цвет од марихуана за медицински цели, а в година очекувам да се отвори дебата за декриминализација и за целосна легализација, изјави денеска примерот Зоран Заев, при презентацијата на владиниот план „Акција 21 – европски стандарди дома“.

– Искуствата на државите како Канада, Чешка, Холандија покажуваат дека заработуваат 55 милијарди долари годишно од оваа дејност. Досега кај нас има 59 лиценци за оваа дејност. Маслата од канабис и други продукти влијаат позитивно на многу болести како мултиплекс склероза, ХИВ, епилепсија и многу малигни заболувања и други болести. Тоа отвора огромни потенцијали и пазари. Со Законот за опојни дроги ќе се овозможи извоз на цвет од канабис за медицински цели, што ќе поттикне нови инвестиции и работни места, рече Заев.

Тој вели дека на овој начин се очекуваат повеќе од 250 милиони евра од производство на марихуана и отворање нови работни места со високи плати. Додаде дека в година ќе се прошири листата на дијагнози кои ќе може да користат производи од канабис како лек, а ќе се отвори и дебата за декриминализација, како и за целосна легализација.

– Не е во ред некој да оди в затвор затоа што користел половина грам природен канабис за лична употреба, во време кога веќе насекаде во светот оваа билка станува легална и за медицинска и за економска дејност. За севкупната легализација ќе има дебата до крајот на јуни 2021 година, претходно ќе издебатираме, а после и парламентот ќе постапува соодветно на насоките добиени од граѓаните, порача Заев.