Откако Апелацискиот суд ја укина првостепената пресуда за случајот Таргет- Тврдина, се појавија шпекулации дека на овој начин се реализира пакетот што наводно му бил ветен на Сашо Мијалков, за неговото наводно „залагање“ пратеници од опозицијата да гласаат за уставните измени како за Договорот од Преспа, пишува Фокус.

На социјалните мрежи беше цитирана изјава на поранешниот премиер Зоран Заев, од јануари 2019 година, кога и јавно потврди дека Мијалков разговарал со пратениците.

– Сашо Мијалков зборуваше со пратеници поради тоа што верува во тоа решение. Тоа го кажуваше на сите, јавно се зборува во Скопје, насекаде, дека тој зборувал со пратениците. Седел со нив, ги охрабрувал, лично верувал, изјави тогаш Заев.

Затоа, пишува Фокус, го прашавме Заев за коментар за обвинувањата дека укинатата пресуда е дел од некаков пакет ветен на Мијалков како противуслуга за обезбедувањето на гласови од пратеници. Тој вели дека е срамота што има вакви шпекулации.

-Тоа може да го зборуваат само луѓе што се занимаваат со шпекулации и лаги. Секогаш сум бил транспарентен за сѐ додека бев во политиката. Пратениците гласаа по сопствено убедување и нивните изјави беа насекаде низ медиумите, изјавил Заев за Фокус.

Тој додава дека веднаш испратил отворена и сериозна реакција кога ја слушнал одлуката на Апелација.

-И уште еднаш ќе напоменам дека ниту јас, ниту кој било нема да има право да договара работи со кои се кршат законите и се заобиколува одговорност. Животот го ризикував за да го обелоденам незаконското прислушување. Животот на моите деца, семејството и пријателите беше под прашање, но и покрај тоа во име на заштита на човековите права, во име на вистината, демократијата и слободата во Македонија, и за никогаш да не се повтори, јавно беа, лично од мене, споделени доказите за незаконското прислушување на повеќе од 20.000 граѓани. Повеќе од милион разговори предадов на СЈО – вели поранешниот премиер.

Целото интервју на Заев за Фокус може да го прочитате ТУКА