Зоран Заев на денешната заедничка прес-конференција со американскиот државен секретар, Мајкл Помпео, порача дека нашата земја е уникат во регионот, додавајќи дека во Македонија може да се живее добро.

„Северна Македонија е уникатна земја во регионот. Договорите со Грција и Бугарија беа историски. За десетина дена ја очекуваме веста – отворање на преговорите за членство во НАТО. Тоа ќе ги охрабри другите земји да покажат политичка храброст. Северна Македонија се менува кон подобро. Овде може да се живее добро, само ако младите се ангажираат тука. Оваа посета и охрабрување од САД е од огромно значење за нас“, порача Заев.

Претходно, Зоран Заев и државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Мајкл Р. Помпео, во рамките на неговата еднодневна официјална посета на нашата земја имаа тет-а-тет средба, откако претходно државниот секретар на САД се сретна со претседателот, Стево Пендаровски.

Веднаш потоа се одржа и билатерална средба кога на премиерот Зоран Заев му се придружија и заменик претседателката во Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, заменик претседателот во Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

На оваа средба доминантна тема беше проекцијата за развој на соработката меѓу двете земји стратешки партнери, со посебен акцент на потенцијалот за натамошно унапредување на економските односи и за привлекување нови американски инвестиции во земјава.

Посебно внимание за време на разговорот беше посветено на успешната соработка и партнерство во доменот на одбраната, особено меѓу АРМ со Националната Гарда на Вермонт, како и во рамките на воените мисии ISAF и „Одлучна поддршка“ во Авганистан.

На средбата меѓу владината делегација и државниот секретар на САД и неговата придружба, беше нагласено дека останува силната и континуирана американска поддршка за финализирањето на постапката за полноправно членство во НАТО и за напредокот на Република Северна Македонија во процесот за членство во ЕУ.

Во разговорот на билатералната средба се разговараше и за прашањата кои се однесуваат на стабилизација и просперитет на регионот со Вашингтон како главен промотор на политиката на проширување на Алијансата со државите од Јадранската Повелба.