Премиерот Зоран Заев, по повод Светскиот ден на дијабетесот – 14 ноември, денеска преку видео порака им се обрати на 130 илјади граѓани во земјава со дијабетес, од кои 500 се деца до 18 годишна возраст, на нивните семејства и најблиски, како и на лекарите и особено на медицинските – дијабетолошки сестри.

Заев во обраќањето нагласува дека здравјето на граѓаните е врвен приоритет и поосчува дека Владата и Министерството за здравство направија значајна пресвртница во пристапот кон лицата со дијабетес со тоа што ставија крај на ерата на набавка на несигурни средства за инсулинската терапија.

– Денеска е 14 ноември, Светскиот ден на дијабетесот, и ова мое видео обраќање им го посветувам на 130 илјади наши сограѓани со дијабетес, од кои 500 од нив се деца до 18 годишна возраст, на нивните семејства и најблиски, како и на лекарите и особено на медицинските – дијабетолошки -сестри.

И не само денеска, туку целата оваа година, членовите на Сојузот на здруженијата на дијабетичарите на С. Македонија, сите свои активности и настани ги посветија на подобрување на квалитетот на животот на лицата со дијабетес преку залагање за поквалитетен здравствен сервис нив, со едукација на нивните семејства и со подигање на свеста кај граѓаните за дијабетесот.

Содржините на овие активности имаат исклучително значење за подигнуваме свеста на граѓаните за превенција од дијабетес  и свесноста за потреба од редовен квалитетен менаџмент на дијабетесот кој постојано ќе се надоградува, особено заради светската пандемија со КОВИД-19, која ги прави лицата со дијабетес особено ранлива група.

Од овој аспект се особено значајни навремените реакции за превентива и едукација на Националната комисија за дијабетес и на Клиниката за ендокринологија при Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“.

Имајќи го здравјето на граѓаните како врвен приоритет од 2017 година наваму Владата на С. Македонија и Министерството за здравство направија значајна пресвртница во пристапот кон лицата со дијабетес и ставија крај на ерата на набавка на несигурни средства за инсулинската терапија.

Од тогаш наваму за прв пат беше извршена и континуирано се спроведува набавка на инсулини и глукометри со највисоки свестки стандарди со иновативна технологија за највисоки ефекти за сигурно здравје кај пациентите со дијабетес.

Одбележувањето на Светскиот ден на дијабетесот нè потсетува дека од витално значење е да обезбедиме овие посветени политики и развојната работа на методи и терапии за добра контрола на состојба на лицата со дијабетес да продолжат и да се унапредуваат. Тоа е обврска на општеството и затоа вложувањето во јавното здравство и во здравјето на сите граѓани е водечки приоритет во нашата земја, наведува премиерот Зоран Заев во видео обраќањето по повод Светскиот ден на дијабетесот – 14 ноември.