Веднаш да се најде замена за притворената специјална јавна обвинителка Катица Јанева, порача денеска од Новаци премиерот Зоран Заев.
Тој испрати јавна порака надлежните органи да најдат решение за вршител на должноста на СЈО.
– Сега, веднаш треба да се најде решение за вршител на должност на СЈО како времено решение, а потоа верувам дека сите политички партии можеме да најдеме консензуално решение и не подоцна од 15 септември за новиот закон за Јавно обвинителство. Работните групи продолжуваат со работа в понеделник и знам дека е премостливо тоа што треба да го решиме, секако почитувајќи ги „црвените линии“, а тоа е иднината на СЈО, Уставот, законите… се е решливо ако имаме одговорност во државава. Упатувам порака до правосудните органи да носат брзи одлуки бидејќи не смее да се дозволи не еден ден, туку ниту една секунда, кој било предмет да биде загрозен, затоа што правосудството работи со рокови и верувам дека ниту еден процес нема да биде загрозен, нагласи Заев на денешната прес-конференција во атарот на битолското село Новаци.