Најстабилна и најсигурна е енергијата од домашните капацитети и затоа С. Македонија мора да продолжи со целосна имплементација на Националната стратегија за енергетика, смета бившиот премиер Зоран Заев.

– Така ќе продолжиме со создавање поволни услови за привлекување домашни и странски инвестиции во енергетиката – ова денес го порачав пред студентите на Универзитетот на ЈИЕ во Тетово каде што на нивна покана одржав предавање на темата „Енергетиката и инфлацијата“. Имаме сонце за фотоволтаици, имаме места со поволни ветрови за ветерни електрани, имаме можност со интерконекторот со Грција да имаме диверзификација на изворите за природен гас за да не зависиме само од Гаспром. Ќе ги имаме азербејџанскиот гас, катарскиот, американскиот гас, со потенцијал да се пренесуваат со гасовод до Косово и Србија.
Сето тоа се вредни, вековни инвестиции во енергетиката, објави Заев на својот профил на Фејсбук.

Со таква стратегија, додава Заев во објавата, и со инвестиции во капацитети од обновливи извори на енергија ќе ги зајакнеме домашните капацитети за да го надоместиме дефицитот од 30 отсто што сега го покриваме со увоз на електрична енергија.