ЕУ испрати сигнал дека за регионот нема друга алтернатива освен интеграцијата во Унијата. Процесите мора да продолжат бидејќи постои можност за развој на национализмот, популизмот и радикализмот, изјави денеска на прес-конференција премиерот Зоран Заев по лидерскиот состанок за Западен Балкан, што се одржува во Женева во организација на Светскиот економски форум.

Премиерот Заев оцени дека е добро тоа што Хрватска ќе претседава со ЕУ од јануари 2020 година, бидејќи ќе биде фокусирана кон регионот и изрази надеж дека на Самитот во Загреб ќе има позитивна одлука и за Македонија и за  Албанија и за целиот регион, соопшти владината прес-служба.

Претседателот на Владата на прес-конференцијата посочи дека за нашата држава, не станува збор само за тоа дека е земја кандидатка 14 години, туку го развива успешно мултиетничкото општество преку концептот Едно општество за сите, направи реформи, договори со Бугарија и Грција и од авторитарен режим ја обнови демократијата. Направивме толку многу.

Претставниците на Светскиот економски форум се согласија дека политичките можности се важни, како и дека постои поврзаност на политичката соработка со социјалната и економската соработка. Посочено е на тоа што е разговарано на денешниот состанок, за важноста од новите технологии и компетитивноста коишто можат да го движат економскиот раст и да отвораат работни места.

Оценето е дека денес за економскиот раст работите се во позитивен правец и дека секоја од државите има преземено реформски чекори за инклузивен раст и поголема регионална интеграција. Констатирано е дека ова има многу можности, што ги отвора четвртата индустриска револуција, како и дека во соработка меѓу Светскиот економски форум и земјите од Западен Балкан ќе биде лансиран регионалниот акцелератор за претприемништво и ќе се воспостави регионален совет за компетитивност.

На прес-конференцијата, секој од лидерите на земјите од Западен Балкан изрази благодарност за продуктивноста и можноста за отворената дебата од Светскиот економски форум за економскиот развој на регионот како и за политичките перспективи, коишто сите лидери, ги гледаат во европските интеграции, се додава во соопштението на владината прес-служба.