Премиерот Зоран Заев, одржа онлајн средба со шефицата на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за РС Макеоднија, Берглјот Бјорнсон Баркбу, резидентната претставничка на ММФ за Западен Балкан, Штефани Ебле и економисти на ММФ во Вашингтон.

Како што соопшти владината прес-служба, на состанокот се дискутираше за изгледите за економски раст во земјава согласно разговорите што ги имаше мисијата на ММФ во последниве десеттина дена. Во фокус беше монетарната и фискалната политика како и инвестицискиот план и среднорочната фискална стратегија.

-Премиерот Заев истакна дека високо ја цени соработката со ММФ и сите препораки во насока на континуиран економски напредок и креирање на поволен деловен амбиент.  Тој се осврна на досегашните заложби и мерки на Владата за справување со ефектите од пандемијата, кои дадоа добри резултати, се поддржа стопанството, работните места, како и ранливите категории граѓани. Премиерот Заев на средбата информираше и за позитивните трендови во земјата кои даваат сигнал на стабилизирање на економија, зајакнување на довербата кај инвеститорите, како и за растот на извозот, на индустриско производство, внатрешниот промет, како и на просечната месечно исплатена нето плата, се наведува во соопштението.

Во врска со проекцијата за економски раст премиерот Заев информираше дека согласно владините проекции економски раст ќе остане на 4,1% за 2021 година, што е на линија со проекциите на ММФ од 3,8 %, Народната банка од 3,9% и на Европската комисија од 3,7%.

Премиерот Заев подвлече дека заложбите на Владата се максимално насочени кон економски развој со фокус на енергетска транзиција, инвестиции во обновливи извори, гасификација. На состанокот се дискутираше и за придобивките од влезот во НАТО што за инвеститорите е позитивен сигнал, бидејќи ја зголемува предвидливоста и сигурноста на деловниот амбиент за нови инвестициски вложувања кои веќе се најавени во земјава.

На состанокот беше заклучено и дека со стивнувањето на пандемијата и масовната вакцинација се дава силен стимул дека економијата се враќа на патеките на економски раст, стои во соопштението.