Зоран Заев имаше интервју за српски Курир. На прашањето дали е загрижен за отвореното пропагирање на „голема Албанија” во нон-пејперите, во кои се наоѓа дел од Македонија, Заев одговори:

„Никогаш не можам да кажам „не” со сигурност, но тоа би било тешко во … Македонија бидејќи сме членка на НАТО и со секоја закана за нашата територија и интегритет, би се активирал членот 5 од Договорот со НАТО, кој би нè заштитил – сите за еден, еден за сите. Сепак, не можам да кажам конечно „не” затоа што дефинитивно не знаете до каде некој тоа може да го испровоцира. И затоа решението е секоја земја да влезе во ЕУ. Кога ќе ги постигнеме шенгенските услови, тогаш ќе нема граници”.

Заев сепак не зема в предвид една работа, а таа е дека НАТО штити своја членка врз основа на активирање на членот 5 од Договорот само при агресија од друга земја (не е јасно дали тоа важи и ако агресорот е сто така членка на НАТО).

Членот 5 не штити од внатрешна агресија, напротив, токму членките на НАТО се спротивставија во 2001 година на употреба на АРМ во терористичката агресија врз Македонија, па за да се ангажира војската го создадовме „безбедносните сили“ каде измешавме и војска и полиција.

Членот 5 не штити ни од создавање услови од страна на самите македонски власти (на пример, со бришење на македонскиот народ) за поделба на државата по етничка линија и приклучување на еден нејзин дел кон некоја соседна држава, на пример Албанија.

Во интервјуто, Заев зборува и за други прашања.

-Кога регионот е стабилен и безбеден, тогаш и … Македонија е безбедна и стабилна. А кога регионот е нестабилен и има проблеми, тогаш и ние сме нестабилни и имаме проблеми. За нас, сè што е прифатливо за Белград и Приштина е добро, решение кое ќе гарантира мир на Балканот, европска интеграција, безбедност и иднина на сите етнички заедници што живеат на таа територија, истакна тој.

Заев изрази благодарност до српскиот претседател Александар Вучиќ и премерката Ана Брнабиќ за помошта со 48.240 вакцини, кои се добиени „кога никој ги немаше, дури ни за Србија, што е чин на пријателство и братство, што макадонскиот народ никогаш нема да го заборави”.

Тој најави дека граѓаните на Србија од 25 јуни до 15 август нема да плаќаат патарини кога ќе патуваат низ земјава и дека проценката е да тоа ќе изнесува 2,5 милиони евра, иако вредноста на донираните вакцини е 700.000 евра.

-Драго ми е што го правиме оваа меѓусебно поврзување со претседателот Вучиќ и премиерката Брнабиќ. Заедно со нас, Албанија влезе во мини-Шенген, како што вели Вучиќ, а јас велам подобрување на регионалната соработка на Западен Балкан. Нашата цел е на границата да биде „не запирај, само оди”. Работиме на тоа, треба да го усогласиме законодавството, да ја пренесеме довербата на институциите, па кога вашата агенција за храна ќе потврди дека српските производи се добри за Србија, тогаш нема потреба тоа да го проверуваме во Скопје, само ќе го прифатиме. Нема зошто да чека на границите, нагласи Заев.

Тој додаде дека до 2022 година треба се отворат границите за слободен проток на луѓе, стоки, капитал и дека се усвоени неколку договори, меморандуми, дека собранијата започнале да ги менуваат законите за сето тоа да се усогласи и да првата тенденција е тоа да е за најмалку три земји – Србија, Македонија и Албанија.

Одговарајќи на прашањето на Курир, дека „некој ќе каже дека со тоа се прави „голема Албанија”, Заев одговори: „Зарем тоа не е „голема Србија”? На крајот, ние сме во средина, па можеби тоа е „голема Северна Македонија”. На кого му е грижае, ајде да ги отвориме границите, да оставиме луѓето слободно да работат, да одат, да доаѓаат”.

Околу проблемот со Бугарија и блокадата на почетокот на преговорите со ЕУ, Заев кажа дека постои решение за сè, но треба да се избере вистинскиот момент.

-Кога на Балканот има избори, тоа се тешки моменти, тешко се решаваат проблемите, а избори сега имаше во Бугарија. Се разбираме исто како и со Србија, зборуваме слични јазици и верувам дека ќе најдеме разумно решение. Кога ќе ги прашаме: „Зошто не ни го признаете македонски јазик?”, тие велат: „Не, ние таа реалност ја прифаќаме, но дајте да видиме кои се корените”. Ние имаме заедничка историја, цела Европа има заедничка историја, а камоли на Балканот. Од таа иста историја се создадоа народи- македонскиот, српскиот, бугарскиот, хрватскиот, одговори Заев.