Премиерот Зоран Заев планира да владее уште два мандата, според тоа што денеска го изјави во Собранието на седницата за избор на нови министри.
– Мислам дека народот ќe ја задржи оваа власт малку подолго. По моја проценка, вие од ВМРО-ДПМНЕ министри и заменици ќе може да предлагате за едно 9 години и два месеца, рече Заев, одговарајќи на барањата на опозицијата на денешната собраниска седница да си поднесе оставка поради аферата „Рекет“.
На дневен ред на седницата е изборот на двајца министри и тројца заменици министри. За нов министер за финансии е предложена Нина Ангеловска.
– Со нејзиниот избор испраќаме порака дека младите треба да останат во земјата и дека успешните студенти можат да стигнат и до високи позиции, рече Заев во образложението на својот предлог.
За министер без ресор предложен е Хисни Џемаили, а за заменици министри се предложени Кирил Колемишевски за економија, Елизабета Наумовска за заменик министер за образование, а Неџад Мехмедовиќ за заменик министер за политички систем и односи меѓу заедниците.