Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со Мануел Сарацин, пратеник во германскиот Бундестаг.

На средбата, соопшти владината прес-служба, била изразена поддршка за успешен референдум. Германскиот пратеник Сарацин, оценил дека ова е најдобрата година што можеше да и се случи на Македонија, кога се отворени шансите за членство на Република Македонија во Европската унија и во НАТО.

– Заеднички е констатирано дека сите политички субјекти и граѓани во државата  треба да покажат одговорност, за остварување на овие стратешки државни цели, стои во соопштението.

Премиерот Заев изразил очекување дека референдумот ќе биде успешен.

– ЕУ и НАТО се мнозинска волја на граѓаните на Република Македонија, кои очекуваат европски живот и интеграција во најголемите сојузи во светот. Очекувам таа мнозинска волја да се одрази и на референдумското гласање. Македонија нема друга алтернатива освен интеграциите во НАТО и ЕУ.  Повикуваме и ќе повикуваме сите да покажат одговорност и да се изјаснат на референдумот, затоа што во прашање е иднината на државата, рече премиерот Заев, се подвлекува во соопштението.

Претседателот на Владата, Заев и германскиот пратеник Сарацин, кој доаѓа од партијата на Зелените, говореле и за отворените можности за интензивна економска соработка со Германија, како и за развојот на “зелената агенда“,  во полза на здрава и чиста животна средина во Македонија, според европски стандарди