Единството и обединувањето што ги создава спортот треба да се преслика на целиот Балкан и заеднички да се движиме кон европска иднина, истакна премиерот Зоран Заев во Сараево, Босна и Херцеговина, по церемонијата на отворањето на Европските младински олимписки игри на стадионот „Асим Ферхатовиќ Хасе“.
Нашата држава на овој фестивал ја претставуваат Ана – Марија Зафировска и Никола Петковски. Тие утре ќе се натпреваруваат во дисциплината „крос кантри“. За нив учеството на Европските младински олимписки игри е прво интернационално искуство и одлична можност за подготовка за претстојните олимписки игри во 2022 година.
Премиерот Заев искажувајќи ја поддршката за овие двајца млади луѓе, рече дека за една земја нема поголем амбасадор од спортот.
-Ја користам приликата да ги споделам чувствата, прекрасни овде на отворањето на Европските младински олимписки игри или Европски младински олимписки фестивал, што по повод 35 години од Олимписките игри, Сараево ’84 и познатиот Вучко се отвораат денеска овде. Навистина чувството е прекрасно. Мене ме потсетува на оние 10 години кога ги имав, кога буквално цела Југославија, цела Европа и верувам целиот свет беше фокусиран со очите широко отворени кон Сараево ’84 година. А имав денеска прилика и да ги видам чувствата на премиерот Денис Звиздиќ, кој лично бил пред 35 години овде на отворањето на Олимписките игри во Сараево, истакна премиерот Заев.
Тој додаде дека овој настан е прекрасен, бидејќи ја испраќа пораката на спортот за единство, обединување, презентирање на сите земји, младите категории и младинците кои доаѓаат после нас.
-Верувам дека овие олимписки игри уште еднаш ќе помогнат на целиот Балкан, на целиот регион овде да се движи напред, кон европските вредности, посочи премиерот Заев, кој беше придружуван од сопругата Зорица.