Премиерот Зоран Заев во одговор на новинарско прашање за се позачестената употреба од страна на политичарите на кратенката за името на државата „Република С.Македонија“, вели да се користи уставното име „Република Северна Македонија“.
– Делумно ова прашање е преокупација на сите нас во секојдневните работи во коишто работиме. И прво, нашата држава се вика Република Северна Македонија, не е Република С Македонија и тоа е прво понижување кон државата и Уставот на државата. Секако и Преспанскиот договор што прерасна со Закон со ратификација во Собранието, но кај нас тоа е преточено во Устав. Да не го почитувате Уставот на државата и името на својата земја – јас можам да разберам дека некој не се согласува со ваквиот процес и слично, но сите се согласуваме со демократијата. И демократијата вели тоа е новиот Устав што е изгласан со двотретинско мнозинство заради идните перспективи на децата, на младите, на нашите интеграции во НАТО и ЕУ и државата кон уставното име на државата, кажува за секој поединец каков е всушност, рече Заев одговарајќи на новинарски прашања на промовирањето на паралелката фармацевтски техничар во средното медицинско училиште во Скопје „Панче Караѓозов“.
Граѓаните, вели Заев, знаат дека сите треба пред се принципиелно уставно и законски да се однесуваме и останува на сите поединци, пред се на политички субјекти што се лош пример за ова, да го променат тоа во иднина затоа што тоа е нашата реалност, тоа е нешто што беше бреме, што надвисуваше 27-28 години над нашата земја, ги колеше пред се идните перспективи на сите наши граѓани, пред се на младите, на идните генерации, но исто така ги кочеше и нашите интеграции во НАТО и во ЕУ.
– Уште еднаш користејќи го ова прашање апелирам на почитување на Уставот и законите во државата, а секако тоа е обврска на политичките субјекти за пример тоа да го следат за да може понатаму и граѓаните исто така да прават следење на тоа што значи Устав и законите во државата, заклучи премиерот.