Учениците имаат и таблети и учебници. Родителите, наставниците и администраторите имаат обврска да ги спуштат дигиталните учебници на постојните таблети што се во училиштата во библиотечниот фонд на таблети и втора работа е дека ги спуштаат по информации – вибер групи, емаил адреси на самите родители за тие да ги инсталираат, истакна денеска министерката за образование и наука Мила Царовска.

Таа посочи дека има дете во четврто одделение и учебниците се спуштени и тука нема никаков проблем дека учебници ќе има.

– Учењето не значи учебник. И многу е значајно новата концепција да ја промени парадигмата на учење. Тоа е идејата на новиот концепт на учење. Учиме преку истражување, учиме преку практикување и учиме преку дискусија и анализа на различни содржини коишто се наоѓаат во различни извори на информирање за да тоа што ќе го научиме утре знаеме да го употребиме. Токму заради ваквиот принцип на учење на препис на лекција од учебник во тетратка имаме најтрагични резултати во Пиза, Тимс и Пернс, рече Царовска, одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на паралелката „Фармацевтски техничар во фармацевтска индустрија“ во средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов” во Скопје.

На прашање зошто се одржува настава во несоодветни простории во Основното училиште „Ѓорги Пулевски“, министерката рече дека службите се на терен и ќе се утврди дали е тоа така или не.

– Не смее по стандард да бидат учениците сместени таму ако велите дека е тоа така или како што стигаат моите информации веднаш ако се утврди дека е тоа така ќе се преземат мерки за отстранување на таквата неправилност иако мора да истакнам дека општините се надлежни за организација и инфраструктурно подобрување  или организирање на училиштата, но сепак Државниот инспекторат ќе има своја постапка што ќе значи отстранување на таквите неправилности во остварување на стандардите за учење на учениците, додаде Царовска.