Нашата намера е да ги паметиме, но никогаш да не им дозволиме да се вратат на сцена политиките на поделби и предизвикување конфликти кои луѓето ги поделија на наши и ваши. Нека останат само во сеќавања, за никогаш повеќе да не се повторат.

Ова го истакна премиерот Зоран Заев денеска на отворениот ден за иницијативи на граѓански организации: „Консултација за изработката на Национална стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам во Република Македонија“ што се одржа во Владата на РМ.

Толеранцијата, како што посочи Заев, е најважниот услов за демократски односи меѓу различните социјални и општествени групи и, како што додаде, е појдовна точка за ставање крај на нетрпеливоста, на омразата, на тепачките по училиштата, на улиците или стадионите.

-Мене лично несфатливо ми е како во нашата заедница и се протнаа злосторствата од омраза. Таквите појави не и доликуваат на нашата земја, на едно демократско општество и треба да направиме се тие инциденти да бидат изложени на јавност и осудени, рече Заев и додаде дека треба да направиме се за да ја запреме омразата, да им застанеме на патот на оние кои сеат омраза и да не влегуваме во тој синџир на злото.

Наместо тоа, како што истакна Заев, треба да се слушаме, зашто само ако се слушнеме ќе успееме да се разбереме.

Министерството за правда, како што рече министерката Рената Дескоска, ги изработи и пушти во собраниска процедура измените на Кривичниот законик во кои се воведуваат кривични дела од омраза.

-Кривичното дело од омраза го дефинираме како дело мотивирано со непријателски однос, пристрасност или предрасуда кон жртвата како припадник на социјална група, или кон самата социјална група изрично предвидено со закон како казнено дело, рече Дескоска.

Во дефиницијата, како што појасни, содржани се три елементи: омраза, насилство и посебен основ за дискриминација на жртвата како припадник на определена група.

-Во таа насока во различни кривични дела има квалификуван основ за построго казнување доколку одредено дело е сторено од мотив на омраза без разлика дали таа омраза е од етничка, религиозна или било каква основа, додаде министерката за правда.

Премиерот Заев посочи дека процесот на консултација за изработка на Националната стратегија за едно општество го најавува духот во кој се исцрта стратегијата и ги покани на учество претставниците на граѓанското општество да дадат свој придонес во седумте тематски кластери за нејзина подготовка. Тоа се кластер за правната рамка, за образованието, за култура, за медиумите, за локалната самоуправа, за младинските политики и за општествената кохезија и интеграција.

– Една од мисиите на стартегијата е да ја негуваме визијата на нашата земја како граѓанска држава на Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и сите други заедници, рече Заев.

Покрај Заев и Дескоска на настанот се обрати и советникот на премиерот за развој на мултикултурно општество, интеркултурализмот и интер-културните комуникации, Рубин Земон.