За две ипол години донесовме многу храбри одлуки за кои во изминатите 27 години се немало храброст да бидат донесени. Благодарение на таа храброст денес сме членка на НАТО и почнуваме преговори со ЕУ. Денес е усвоена и преговарачката рамка, истакна вечерва лидерот на СДСМ Зоран Заев на трибината на Пониква.

– Затоа барам поддршка од вас заради тоа што не сме сите исти во политиката. Кога требаше храброст, покажавме храрост, кога требаше одлуки, носевме одлуки. Кога ги носевме и најтешки одлуки, ја развиваме економијата. И денес ги гледааме резултатите. Ги исполнивме стратешките цели и денес имаме земја признаена од целиот свет во која живеат Македонци, кои зборуваат македонски јазик признат од целиот свет, создадовме пријатели околу нас и отворивме перспективи за идните генерации. Сега сигурно нема да враќаме режим. Одиме напред, затоа што можеме, рече Заев.

Според него, Третата изборна единица во која спаѓа и Кочани, е многу важна и тука очекува коалицијата „Можеме“ да извои, како што рече, убава победа.

– Верувам дека ќе успееме во она што е зацртано пред нас бидејќи секогаш граѓаните знаеле да изберат вистинска одлука и да застанат на вистинскиот пат, порача Заев.

Носителот на кандидатската листа во Третата изборна единица и генерален секретар на партијата Љупчо Николовски рече дека Источниот регион е вистински пример како локалната и централната власт заеднички работат во интерес на граѓаните.

– Ги решаваме храбро сите проблеми наследени со генерации и Истокот кој беше најзапоставуван регион, го направивме регион кој најсилно се развива. Веќе нема регионални патишта во овој регион кои не се реновирани, општините добија огромна поддршка и денес гледаме дека имаме многу проекти и во руралните средини, рече Николовски, додавајќи дека во следниот период ќе се фокусираат кон тоа да ги вратат младите во овој регион, како и да се извезуваат нашите брендирани производи.

Ги повика граѓаните да излезат на гласање и да го изберат концептот на чесни политичари, на многу работа и на враќање на парите кон граѓаните.