Португалскиот предлог за Скопје е добра појдовна основа за постигнување договор со Бугарија со цел да се одржување на првата меѓувладина конференција до крајот на јуни, но сепак, македонската страна смета дека очекувањата треба да бидат приземни, бидејќи Бугарија се уште има техничка влада, па покрај јуни како опција се спомнуваат септември, но и декември.

Опозицијата, пак, обвини дека Скопје води тајни преговори со кои Декларацијата усвоена од бугарскиот Парламент, во која се оспорува генезата и посебноста на македонскиот јазик и историја, треба да стане дел од преговарачката рамка со ЕУ.

Премиерот Зоран Заев повтори дека македонскиот јазик и македонскиот народ и идентитет се нешто за кое што, вели, не сакаме документ да погледнеме, а не предлог и тоа им е јасно на сите. Тој посочува дека и Бугарија ја прифаќа реалноста на македонскиот народ и македонскиот јазик, но важно е, подвлекува, како се формулираат самите ставови. За португалскиот нон-пејпер не откри повеќе детали, но изрази задоволство од, како што рече, инвентивноста и креативноста на португалското претседателство кое, вели, водело грижа за двете страни – за македонската и за бугарската страна.

Заев вчера во одговор на новинарски прашања по увидот во реконструираното одделение во Комплексот на Клиниката за торакална хирургија „Мајка Тереза“, изрази уверување дека постои можност да се усогласат деловите коишто е, вели, важно да ги усогласиме за да добиеме шанса и надеж, прво за 22 јуни кога е Советот на општите работи за да може да се донесе одлука, следна можност е септември, вели, кога Софија ќе има политичка влада.

-Очекувањата треба да бидат приземни. Бугарија има техничка влада, но сето ова не е невозможно. Ако не се договориме дај да направиме се што можеме политичката влада заедно со нашата влада да донесе решение. Шеснаесет и пол години чекаме, прво меѓувладина конференција, двата месеци не менуваат ништо, важно е дали навистина ги правиме вистинските чекори и знаете договор бива кога двете страни се спокојни и се секако надежни дека тоа е тоа што ни требаше како обврзување на двете страни дека подобро ќе им служиме на граѓаните во ваквиот случај, рече Заев.

Во врска со патоказот, нагласи дека планот вчера е споделен на увид меѓу сите стручни служби внатре во МНР.

-Се работи за патоказот, секторската соработка што треба да биде утврдена како одговор за да може да подготвиме и следна меѓувладина конференција. Тоа е многу важно. Знаете кога за гаранциите зборува Бугарија, зборуваме и ние за добробит на двата народи и двете земји, а тоа е уште поефикасна реализација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, што значи побрза изградба на железницата помеѓу Куманово и бугарската граница. Од друга страна, од Бугарија према граничниот премин Клепало кај Берово, посериозна соработка помеѓу институциите која што рака на срце може да видите овие неколку месеци како ги имаме секојдневните соработки. Пред некој ден беше министерката за култура, претходно беа директорите на железниците, во Рим се потпишаа договорите помеѓу националните информациски агенции. Претходно беа националните радиотелевизиски сервиси МРТВ и Бугарската национална телевизија. Имавме поетски вечери организирани од наши поети во Бугарија, овде имаме едно седум нови инвестиции од Бугарија. Сето ова како пандемијата одминува така се интензивира и верувам навистина дека ќе биде конкретизирана, додаде премиерот.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи смета дека тоа што нас не штити во спорот со Бугарија се принципите, не само нашите, туку, пред се европските и тоа е нашата најсилна страна во овој спор.

-Се обидуваме тие принципи да ги аргументираме и пред Бугарија и пред нашите пријатели. Правдата е само еден од принципите, но ги има многу принципи кои ја имаат заштитено европската идеја во последните 75 години. При сите бранови на ширење на ЕУ имало обиди за наметнување на билатерални прашања, за кочење на процесот, но секгаш Унијата излегла посилна при тие пречки и секогаш успеала. Тоа го направила врз основа на почитување на принципите, рече Османи.

Според него, јуни, а потоа и декември се можни датуми за одржување на првата меѓувладина конференција на ЕУ со С Македонија, затоа што, вели, во септември ќе бидеме повторно во кампања за локалните избори.

-Во анализите, јуни ми изгледа како подобра можност, но за жал, тоа што се случи во Бугатија да нема влада го искомпликува тој прозорец на можности, потенцира министерот.

Истакнува дека засега на маса е портулагскиот предлог кој ние го оценивме како добра основа заедно со европските пријатели, но не и Буагрија. Смета дека тоа е предлог кој ги адресира сензитивностите на сите три страни.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски вчера обвини дека се водат тајни договори со кои Декларацијата усвоена од бугарскиот Парламент треба да стане дел од преговарачката рамка со ЕУ. Информациите, како што напиша на неговиот Фејсбук профил, ги добил од дипломатски извори.

– Бучковски во Софија, а Заев од Скопје, деновиве координираат тајни преговори каде се нуди Декларацијата усвоена од бугарскиот Парламент да стане дел од преговарачката рамка со Европската Унија. Дел од документот на бугарското Собрание се оспорување на генезата и посебноста на македонскоит јазик, ревизија на историјата и периодот на нашата антифашистичка борба, како и присвојување на важни личности од македонската историја како бугарски и уште редица отстапки кои се погубни за Македонија, наведува Мицковски во статусот.

Според Мицковски, со ова директно земјава е ставена во позиција да преговара за македонскиот јазик и идентитет што е еднакво на предавство на македонскиот народ.

– Моите информации говорат дека сето ова, дуото Заев-Бучковски планира да биде потпишано од нив, без да има расправа и усвојување на документот во Собранието на Македонија. Ако Заев го прифати ова, тоа значи дека нѐ става во позиција да го негираме македонскиот иденитет и да прифатиме дека како народ постоиме од 1945 година, што е неболуза и срам за сите нас и за нашите предци и поколенија. Не смееме да дозволиме овие двајца политички измамници да ја понижат жртвата на нашите предци и да ја загрозат иднината на нашите потомци. Затоа треба да бидеме подготвени за одбрана на македонскиот идентитет како составен дел од европските вредности, и да не дозволиме. Да бидеме подготвени за блокади и масовни протести. Нема преминување на црвените линии, вели Мицковски.

Во однос на португалскиот предлог, Мицковски со став дека „само политички аматер гради дебата околу предлог кој бил одбиен од бугарска страна“.

Португалскиот предлог чија цел е Скопје и Тирана да ги почнат преговорите за време на португалското претседателство со ЕУ, на 21 мај беше претставен во Софија и во Скопје од министерот за надворешни работи на Португалија, Аугусто Сантош Силва, кој беше придружуван од еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји.

-Предлогот е добра основа за постигнување решение за проблемот, решение со кое ќе се отстранат сите пречки и ќе се отворат преговорите преку одржување на првата меѓувладина конференција за Северна Македонија. За нас, особено важно е што со ова предлог-решение никако не се допира и не се навлегува во нашите македонски идентитетски прашања, со што нашата круцијална позиција е задоволена, а силно сме убедени дека предлогот е добра основа и за круцијалните позиции на Бугарија, изјави Заев по состанокот со Силва и Вархеји во Скопје.

Во контекст на дипломатска мисија на Лисабон може да се прокнижи и посетата завчера на Софија на португалскиот претседател Марсело Де Соуза, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ. Де Соуза истакна дека Португалија ги поздравува и се восхитува на напорите за дијалог меѓу Бугарија и Македонија и порача дека од најголем важност е да се отвораат патеки преку кои ќе се надминуваат разликите.

– Позицијата на Португалија е за постојан дијалог, разбирање на проблемите на другиот, без предрасуди или комплекси за проширувањето на ЕУ, рече португалскиот претседател.

Бугарскиот претседател Румен Радев пак, на зедничката прес-конференција со Де Соуза, изјави дека Бугарија бара гаранции при проширувањето на Европската унија со Македонија и нагласи дека најважната задача е да се врати дијалогот на сите нивоа меѓу Софија и Скопје. Тој истакна дека португалското претседателство и лично претседателот Де Соуза можат да помогнат да се најде конструктивен пристап, кој, вели мора да се заснова на почитување на ставовите и проблемите на земјите за кои зборуваме и почитување на нивните позиции.

-Врз основа на овој пристап, гледам отворање перспектива за интензивно продолжување на дијалогот, за развој на соодвети патокази, соодветни документи и односи на сите структурни нивоа, што ќе ги дадат соодветните гаранции за нас, особено за да бидеме убедени дека процесот на проширување ќе биде ефикасен, стабилен и неповратен, истакна Радев.