По самитот на НАТО сите политички партии ќе имаат средба во Собранието за да ги утврдат елементите на референдумот, деталите за прашањето што ќе се постави на референдумот и за карактеристиката на референдумот, најави премиерот Зоран Заев во изјава за грчката новинска агенција АНА-МПА.

Како што пренесува МИА од Атина, Заев изрази надеж дека референдумот ќе биде успешен и ги повтори и можните датуми – 23 септември, 30 септември или 7 октомври, за, како што кажа, „да постои доволно време за да се финализираат сите процеси до крајот на годината“.

– Референдумот, знаеме дека ќе се заврши успешно и се надеваме дека сите ќе бидат мотивирани да придонесат во референдумскиот процес да има најголем успех, бидејќи е многу важен за нашата земја, вели македонскиот премиер, во изјавата за грчката новинска агенција АНА-МПА.

Во однос на уставните промени Заев објасни дека се потребни од 90 до 110 дена, „па така, 15 јануари е пред нас“. Потоа, доколку процесот успешно заврши од македонска страна, „останува грчкиот Парламент да гласа за ратификација на договорот и да го ратификува протоколот за наше членство во НАТО“.

Грчката новинска агенција АНА-МПА, ги пренесува изјавите на македонскиот премиер по вчерашниот самит во Лондон дека „лидерите на ЕУ и Западен Балкан едногласно потенцираа дека Договорот од Преспа и храброста што ја покажаа премиерите Заев и Ципрас се модел за решавање на најсложените билатерални прашања и дека ќе продолжат да даваат голема поддршка во имплементацијата на Договорот“.