Ја враќаме довербата на граѓаните во правосудниот систем, кој ја испорачува правдата, вели премиерот Зоран Заев во честитката по повод Денот на македонското правосудство.

Тој, како што е познато, во еден период беше на чело на телото за реформи во судството и тогаш изјави дека правосудството го „отворил како пупка“.

Во продолжение целата објава на Заев на неговиот профил на Фејсбук:

На сите судии и обвинители, адвокати, и сите останати вработени во правосудниот сектор им го честитам Денот на македонското правосудство.

Токму на овој ден пристигна позитивен Извештај за состојбите со човековите права од Стејт департментот, во кој е констатирано дека Владата покажала сериозна почит кон независноста на судството и непристрасност во споредба со претходните години.

И според извештајот на Европската комисија, земјава воспостави механизми за да се обезбеди судска независност и отчетност, вклучително и креирање правила за проверка на имотот и судир на интереси и утврдување дисциплински постапки.

Ова е уште еден доказ дека тоа што го работиме дава и ќе дава резултати и дека реформите во правосудството остануваат наш врвен приоритет.

Ја враќаме довербата на граѓаните во правосудниот систем. Систем кој испорачува правдата.

Голем придонес за оваа придобивка даваат самите судии кои преку Судскиот совет започнаа динамична проверка на работата на судиите, и тој процес веќе ги дава првите резултати.

Приоритетен предизвик во претстојниот период е воведувањето на современа информатичка технологија во работата и дигитализација на македонските судови. За таа цел се предвидува модернизација на над 100 судници во државата за остварување на овој приоритет со што Владата ги обезбедува сите услови.

На сите судии и обвинители, адвокати, и сите останати вработени во правосудниот сектор им посакувам успех во оставрувањето на нивните професионални обврски кои сами по себе се придонес за јакнење на правната држава, како и учество во нашата заедничка мисија да ги унапредуваме човековите права, да градиме независен и непристрасен правосуден систем базиран на европските вредности.