Манипулацијата од пранкерите кои се обидоа да наметнат лажно претставување како активистката Грета Тунберг е спречена со протоколите кои се воспоставени по претходните повици од лица кои манипулираат со гласовите и идентитетот.
Така одговори лидерот на СДСМ, Зоран Заев на новинарско прашање како го коментира аудио материјалот од телефонски разговор со Грета Тунберг.
-Уште кога се случи разговорот со наводната Грета Тунберг ние го објавиме јавно дека е повторен обид на хибридно влегување на телефоните, со хибриден напад врз владините телефони, направен од пранкери кои што тоа го прават со модерни технологии менувајќи го гласот на славната Грета, борец за екологија и еколошки права низ светот. Тогаш објавивме детали, гледате дека во самиот разговор јас повеќе од времето молчам, заради тоа што во текот на разговорите тоа го препознавме и остававме да зборуваат за да можеме тоа веднаш да го објавиме, рече Заев.
Тој истакна дека го информирале и семејството на Грета Тунберг.
-Имаа и тогаш реакција официјално колку се згрозени од злоупотребата на идентитети на славните личности и се тоа кажува колку навистина овој нов свет може да биде загрозувачки за државите за граѓаните, за државите, за поединци. Дефинитивно треба да бидеме уште повеќе подготвени во општеството. Гледате дека во разговорите стојам на нашите државни ставови тогаш кога зборувам официјално и јавно. Но ова што е важно, овој обид за манипулација од вакви пранкери беше фатен благодарение на почитување на протоколите воспоставени кога беше утврден првиот таков случај кога се случи во нашата земја, рече Заев.
Подолу во аудио-видеото е разговорот на Заев „со Грета Тунберг“ и од истото може да се види како „манипулацијата била спречена“ со протоколите на Заев.