Очекувам да најдеме заеднички решенија за пописот да се спроведе непречено, со целосна заштита на здравјето на граѓаните и на попишувачите и истиот да го поддржи и ВМРО-ДПМНЕ, изјави за МИА премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев пред почетокот на денешната лидерска средба со претседателот на опозициската партија Христијан Мицкоски, која ќе се одржи во 13 часот во клубот на пратеници.
-Одам да разговарам, да чујам став и да поттикнам да вложиме максимум за интересите на граѓаните, истакна Заев.
Нагласи дека останува отворен да разговараат и за прашања поврзани со работата на Собранието со цел да се отстранат сите блокади и да се обезбеди непречена работа во корист на народот, како и за темите поврзани со локалните избори наесен.
Од ВМРО-ДПМНЕ пред почетокот на средбата брифираат дека на маса ќе се стават најжешките прашања – прашањето за влада, темата со пописот, како и дијалог за законите кои ќе значат вистински бенефит за граѓаните.
-Состојбата во државата е загрижувачка. Дефакто освен економската, и здравствената криза, земјава се наоѓа и во политичка криза. Секојдневието во Македонија е триесетина мртви и над 1.300 ново заразени. Први по смртност, последни по вакцини во Европа и светот. Први по степен на корупција, последни по реформи. Очигледно е дека оваа Влада нема капцитет да ја води земјава, државата се наоѓа во деликатна и сложена состојба. Секој поминат ден е слободен пад и уште еден нов пораз, велат од опозициската партија.
Додаваат дека граѓаните од политичарите очекуваат одговорност и превземање на крупни чекори и нагласуваат дека на лидерската ВМРО-ДПМНЕ оди со искрени намери и желба да понуди решенија на граѓаните.
Премиерот Заев во четвртокот вечерта соопшти дека ја прифатил понудата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски за нивна тет-а-тет средба.
– Договорена е средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во понеделник во 13 часот во Клубот на пратеници. Ќе разговарам со Мицкоски за најважните прашања од интерес на граѓаните со цел државата да ни оди напред, напиша Заев на својот фејсбук-профил во четвртокот вечерта.
Објавата на Заев уследи откако Мицкоски претходно го повика на тет-а-тет средба во Клубот на пратеници, за да разговараат за кризата со пандемијата, работата на Парламентот, за пописот, економијата, евроинтеграциите, изборите…