Ребалансот на Буџетот за 2020 година влезе во собраниска постапка. Расправата почна во матичната Комисија за финансирање и буџет, која треба да заврши за 10 работни дена, по што со усвоени амандмани се испраќа во Собранието.
Очекувањата на премиерот Зоран Заев се тој да биде донесен навреме за да може да се финансираат мерките од четвртиот пакет антикризни мерки, а според министерот за финансии Фатмир Бесими, кој го образложи предлог-ребалансот пред матичното собраниско тело, таргетираните мерки ќе го амортизираат ударот врз погодените домашни компании преку стимулирање на приватната потрошувачка и поддршка на приватниот сектор
-Со ребалансот на буџетот се овозможува спроведување на четвртиот пакет антикризни мерки, кој има за цел да обезбеди одржливост на домашните економски дејности и на работните места, да закрепне одредени дејности и да обезбеди стабилност на социјалните трансфери, истакна вчера на почетокот на расправата министерот за финансии Фатмир Бесими.
Тој појасни дека четвртиот пакет мерки се состои од три столба и тоа првиот е наменет за граѓаните и за сочувување на нивниот стандард, вториот за приватниот сектор, односно за економската активност и работните места, а третиот столб подразбира фискална и финансиска стабилност на економијата во целина.
– Како резултат на ова, во услови на непроменето ниво на буџетски дефицит во апсолутен износ од 56,6 милијарди денари, истиот како процент од БДП изнесува 8,5 проценти, наместо 8,4 проценти. Јавниот долг во вториот квартал, кој во апсолутен износ, исто така е непроменет, но заради надолната ревизија на номиналниот БДП истиот од 59,5 проценти од БДП, со новата проекција изнесува 60,3 проценти од БДП, појасни Бесими.
Вкупните приходи со ребалансот се планирани на ниво од 196,3 милијарди денари и истите се планирани на речиси идентично ниво во однос на планот, додека вкупните расходи се планирани на ниво од 253 милијарди денари или за 4,1 проценти, односно за околу 10 милијарди денари повисоки во однос на планот.
Со ребалансот на буџетот се додаваат средства во програмата на Владата која е наменета за спроведување на дел од мерките од четвртиот сет како мерки за поддршка за исплата на плата за компании кои имаат одреден пад на приходи како последица на пандемијата, домашна платежна картичка, поддршка на производители, преработувачи и извозници на грозје, наливно вино и вино во шишиња, туристички водичи, регистрирани како самостојни вршители на дејност, враќање на туристичка такса за 2019 година за остварени ноќевања, македонски викенд шопинг со МојДДВ, државна гарантна шема и царинската гаранција и грантови за туристички агенции, игротеки и ресторани за свадби.
Проектираниот дефицит за 2020 година, отплатата по основ на главница на надворешен долг во износ од 26,9 милијарди денари и отплатата на домашен долг во износ од 15,3 милијарди денари ќе се финансираат преку задолжување во странство и на домашниот пазар на државни хартии од вредност.
Поради ревидирани податоци за БДПза 2019 година, дефицитот како процент од БДП изнесува 8,5 отсто, додека нвоат апроекција на јавниот долг изнесува 60,3 проценти.
На предложениот ребаланс поднесени се околу 170 амандмани, а премиерот Заев порача до министерот за финансии да ги рпифати сите амандмани кои се добри и можат да бидат исфинансирани.
– Сега се разбиени буквално сите лимити на јавен долг и во светот и во Европа и насекаде. Ние немаме проблем, Буџетот е стабилен. Гледате дека најголемите даноци, ДДВ, персоналниот данок на дохот и данокот на добивка, иако имаме одложени аконтации со одлуки или уредби со законски сили сите се или на исто ниво или имаме одредено зголемување. Ние сме финансиски стабилни, екстензивноста на Буџетот, којашто ја гледате во овој ребаланс, а веројатно ќе ја има се додека трае кризата, е барање начин како да се вбризгаат допополнително плус пари за да и помогнеме на економијата, потенцираше претседателот на Владата, изјави премиерот.
Тој изрази уверување дека ребалансот ќе се донесе навремено, согласно сите процедури во Собранието.
– Мене ми е значајно ако може како што се запазени процедурите до крајот на октомври, затоа што сите тие алоцирани пари треба да ги вбризгаме, истрошиме, исплатиме, во ноември и декември и се многу значајни средства коишто, очекуваме дури падот на БДП од пет проценти, токму заради тие пари да биде намален на минус 4,4 отсто, истакна Заев.
Пратениците низ конструктивна и отворена дебата да ги поддржат измените и дополнувањата на Буџетот ги повика и Костадин Костадинов од СДСМ.
-Сега не е време за теснопартиско однесување, сега е време да им помогнеме на нашите сограѓани, да и помогнеме на нашата, македонска економија. Да се водиме од одговорноста што ни е дадена и да го изгласаме ребалансот на Буџетот за 2020 година, рече Костадинов.
Оценката на опозицијата е дека ребалансот е популистички и оти не се фокусира на она што значи раст на БДП. Обвинија за неуспех и на првите три сета мерки кои, како што посочија, се исккористени едвај 33 проценти.