Министерката за надворешни работи Екатерина Захариева, како и други бугарски политичари и натаму се активни во медиумите со изјави за ветото на Македонија во ЕУ.

– За жал, ќе забележам дека Македонија не ги ценеше нашите пријателски и добронамерни активности и ги игнорираше нашите предупредувања за непочитување на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка од нивна страна, рече Екатерина Захариева во видео обраќање.

Ова обраќање на шефицата на дипломатијата на Бугарија беше на онлајн конференцијата насловена „Западен Балкан“, а во организација на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски.

– Властите во Скопје одбиваат да го спроведат договорот за добрососедство, изјави Ангел Џамбаски.

Според европратеникот, три и пол години „се изгубени намерно, на организиран начин, од кругови во Скопје, кои не сакаат приближување меѓу Бугарија и Македонија и не сакаат земјата да биде полноправна членка на ЕУ“.

– Денес многу се зборува дека Бугарија стави вето. Не, Бугарија не стави вето и не се согласи да закаже прва конференција на министрите за надворешни работи, која треба официјално да ги започне преговорите. И Бугарија има свои законски правни основи за тоа, засновани на меѓународното право, рече Џамбаски на онлајн конференцијата „Западен Балкан“