За Бугарија изненадувачка и екстремно несоодветна била изјавата на српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, кој се пожали дека Бугарија постојано се буни за правата на Бугарите во Србија, а не признава дека има Срби во Бугарија.

Според бугарското МНР, ваквата изјава на Дачиќ е „во спротивност со основните принципи и вредности на Европската унија и декларираната аспирација на Србија за членство во ова демократско семејство” и додаваат дека „Србија треба да се придржува кон обврските кои произлегуваат од процесот на пристапување во ЕУ”.

– За внатрешнополитички цели го става под знак прашање постоењето на Бугари во Србија и потребата од заштита на нивните права. Тоа предизвикува штета на достоинството на нашите сонародници во соседната земја и на никој начин не придонесува за развојот на добрососедските односи со Бугарија. Таквото однесување е во спротивност со основните принципи и вредности на Европската унија и декларираната аспирација на Србија за членство во ова демократско семејство, се вели во соопштението на бугарското МНР.

Дачиќ, кому ова не му е првпат да укажува на лицемерноста на бугарската надворешна политика, во гостување на српска телевизија кажа дека „Бугарија не ги признава националните малцинства, но за сметка на тоа постојано се буни за лошата положба на Бугарите во Србија“.