Синоќа во Скопје е заловен волк кој бил чуван како домашно милениче, објави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

– Вечерва во една скопска населба беше заловен волк, кој очигледно бил незаконски чуван (со ремче и ланец) како домашно милениче. За случајот веднаш беа известени сите надлежни институции, објави Ѓорѓиевски.

Зачудувачки е, вели тој, дека постојат толку несовесни поединци кои на ваков начин третираат диви животни, а притоа ја загрозуваат безбедноста на своите сограѓани.

– Ова не е само неодговорност, туку сериозна опасност за целата околина, додава Ѓорѓиевски.

Волкот откако бил заловен е згрижен од страна на службите на Скопската зоолошка градина, а Ѓорѓиевски очекува институциите да ги преземат сите неопходни мерки и целосно да го расчистат случајот!

– Во Скопје мора да има ред! Мора да изградиме похумано, побезбедно и одговорно општество во кое законите важат за сите, а животните се третираат со грижа, а не како предмет за нечие изживување, вели градоначалникот Ѓорѓиевски.

Веста брзо се рашири по социјалните мрежи и предизвика различни коментари за настанот.