Градската општа болница  „8 Септември“, која беше најголемиот ковид-центар во Македонија викендот го мина без ниту еден пациент.

Во петокот од „8 Септември“ си замина последната пациентка, која таму се лекуваше од компликации на корона вирусот. Во изминатава година и три месеци во овој ковид-центар беа лекувани 3.250 пациенти со коронавирус, поради што беше стопирано лекувањето на пациенти од други болести.

Директорот на болницата д-р Христијан Костов изјави дека се надева оти ова ќе биде крај на една лоша епизода со која се соочи целото човештво.

-Во еден период имавме и 180 хоспитализирани пациенти. Освен пациенти со тешки компликации од Ковид-19 ништо друго практично и да не лекувавме. Не се правеа операции, амбулантите за сите останати патологии не работеа, месеци и месеци во ГОБ „8 Септември“ не влегуваа не-ковид пациенти. Секој кат од болницата беше резервиран само за болните од корона вирусот, секојдневно се бараше болнички кревет повеќе. Молби доаѓаа од сите страни, и тука беа носени пациенти со најтешка клиничка слика, изјави Костов за порталот Фактор.

ГОБ „8 Септември“ од март 2020 година, со одлука на Владата стана ковид центар, во кој поради компликации од вирусот имале повеќе од 3.250 хоспитализации и над 24.000 прегледи на болни и суспектни на вирусот.