Министерот за здравство Венко Филипче на својот Фејсбук профил повторно апелира граѓаните кои биле во некој од ризичните региони во Северна Италија, да останат во самоизолација 14 дена, бидејќи на тој начин се штити семејството и сограѓаните, а ако за време на изолацијата почувствуваат симптоми да го контактираат локалниот Центар за јавно здравје.

На властите, на граница или на медицинските лица, вели Филипче, кажувајте им исклучиво точни информации.

– Криењето на информации нема да ве заштити ниту вас ниту вашите најблиски. Тоа е неодговорно и кон целото општество. Одржувајте лична хигиена и почитувајте ги препораките кои во изминатите 14 дена активно ги комуницираме. Само заеднички можеме да се заштитиме и да го заштитиме јавното здравје. Јавното здравје е наша заедничка одговорност. Секој од нас може да придонесе за спречување на ширењето на вирусот и е должен одговорно да се однесува, посочува Филипче.

Ваквите мерки не ги почитувале ни соработниците на Филипче, како што е вчера откриениот случај со директорката на Клиника, д-р Нина Цаца Биљановска, која по одморот во Италија се вратила на работа.