Додека граѓаните на Македонија лани се бореа, и се уште се борат, со последиците од коронавирусот, на државниот Буџет му е нанесена штета од 19 милиони евра, објави порталот Фактор.

И додека граѓаните се борат да земат здив од пандемијата со затајувањето данок, со „силувањето“ на буџетот, со перењето пари и злосторничко здружување нанесен е тежок удар врз заедничката каса.

Тоа, како што објави порталот, се гледа во извештајот на Управата за финансиска полиција за лани, чија статистика покажува дека во 2020 година од сите пријави за кривични дела кои се поднесени, нанесена е штета на буџетот од вкупно 19 милиони евра. Еден дел од овие кривични пријави се за дела сторени и пред 2020-та.

Од овие 19 милиони евра кои се матерјална штета од сите пријави кои биле изготвени, 4,2 милиони евра се од даночно затајување, 10,6 милиони евра се од дела со кои осомничените ја злоупотребиле својата положба и овластувањата, а по основ на други кривични дела направена е материјална штета во износ од 4,3 милиони евра.

Лани Управата за финансиска полиција до наделжни обвинителства поднела 71 пријава, што е слично со 2019 година кога биле поднесени 79 пријави. Поднесени се кривични пријави за 137 физички лица и против 51 правен субјект.

Најголем дел од делата се за даночно затајување, па следуваат фалсификување и уништување деловни книги и злоупотреба на службена положба и овластување, пишува порталот Фактор.