Во денешниот завршена збор од повторениот случај „МОнструм“, обвинителката Фатиме Фетаи ги обвини за извршување на петкратното убиство Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Аги Исмаиловиќ, односно за делото тероризам, а Хаки Азири дека им помогнал. Фејзи Азири пак е обвинет дека им помогнал на извршителите да избегаат. Фетаи за убијците побара доживотен затвор, за Хаки Азири побара 9 до 10 години затвор, а за Фејзи Азири 15-годишна затворска казна.

Обид за повторен конфликт и дестабилизација на државата најверојатно е мотивот за петкратното убиство кај Смиљковското Езеро, истакна обвинителката Фатиме Фетаи во завршниот збор за овој случај, изразувајќи надеж дека убиците Алил Демири и Африм Исмаиловиќ наскоро ќе бидат екстрадирани од Косово и ќе кажат зошто ги убиле децата и рибарот.

-За јавноста, но и за семејствата на жртвите, е најважно да се дознае зошто е сторен ваков чин. Зошто? Од доказите и околностите произлегува дека изборот на жртвите е тие да бидат Македонци, неколку дена пред Велигден… но мотивот не е познат. Овој мотив можеше да предизвика повторен конфликт, но конкретен мотив нема. Единствено, што би се предизвикало, е дестабилизација на земјата и влошување на меѓунационалните односи. Но конкретни докази за мотивот, кај делото тероризам, не постојат. Ова се само наши ставови, истакна Фетаи.

Според неа, можеби можело на почетокот на истрагата истражните органи да поработат со Хаки Азири, околу ова прашање, зошто, но најверојатно биле под притисок да дојдат до некаков резултат и ја занемариле најважната информација за јавноста.

-Тогаш истражните органи се задоволиле со тезата за „Крвав Велигден“, но не дале одговор зошто. Сепак се работи за настан кој можел да предизвика повторен конфликт и невини жртви, како и дестабилизација на државата, истакна Фетаи, која додаде дека се обратиле и до Агенцијата за разузнавање, но од таму не добиле важни информации.

За Фетаи причината за неекстрадицијата на Демири и Исмаиловиќ можеби е подлабока, што упатува на пасивноста на косовските власти, но времињата се менуваат.

-Очекувам тие да бидат донесени во Република Северна Македонија, да се соочат со родителите на жртвите и да им кажат зошто ги убиле нивните деца, како и рибарот, рече Фетаи.

Таа претходно на почетокот на завршните зборови ги отфрли, како што рече, шпекулациите за петкратното убиство, односно дека автомобилот „опел омега“ бил на „алфите“ ѝ им бил подметнат на обвинетите, дека убиствата биле извршени на друго место, дека загрозениот сведок е наместен, како и дека поранешниот собраниски спикер, Трајко Вељаноски има некаква поврзаност со случајот.

Фетаи побара ослободување на  Самир Љута, кој претходно беше осуден за кривично дело „тероризам“ со образложение дека за него нема докази. Љута беше обвинет дека им помагал на извршителите, претставувал логистика и чувал стража во близина на местото на злосторот додека се случувало петкратното убиство. Тој претходно беше осуден на доживотна казна затвор, заедно со останатите обвинети. За Фејзи и Хаки Азири, обвинителката го преиначи делото и наместо за тероризам, тие се гонат за помагање при извршување на кривично дело.