Министерката Мила Царовска го повтори ставот за придобивките од нацрт-концепцијата за која денеска имаше состанок со наставници од основни училишта од различни општини, одделенски и предметни: Ниеден наставник не останува без работа, ниеден предмет нема да биде укинат, фондот на часови ќе се зголеми,  а се овозможува и кариерен развој за наставниците, кои ќе бидат помотивирани за работа.

Според Царовска, на наставниците на состанокот им се допаднала новата концепција поради можноста за автономност во креирањето и организирањето на наставата. Рече дека се дискутирало за она што нив најмногу ги вознемирило од она што, како што рече, било пласирано како лажна вест.

-Сметам дека сите прашања ги одговоривме. Никој од наставниците нема да остане без работа, концепцијата ќе се воведува етапно, во прво и четврто, потоа во 2022-2023 – шесто, второ и петто одделение, и на тој начин, за шест години, ќе добиеме стабилен систем на основно образование, кој главно ќе се фокусира на потребите на учениците. Дискутиравме и за програмите и за нивна директна вклученост во нивната подготовка по новата концепција, со цел да бидат што поадаптирани на нашиот контекст, изјави Царовска по состанокот со наставниците.

Додаде дека немаат сите училишта исти инфраструктурни услови, но дека не станува збор за кабинети туку, како што рече, за пристап и начин на пренос на знаење и дека е важно да се постигнат резултати од учење и тоа да се види на домашните и меѓународните тестирања.

– Во сегашниот систем наставникот е во калап, нема флексибилност и не може да размислува и да одлучи како подобро да го пренесе тоа. Во светот има одлични програми кои ги спроведуваат во супстандардни услови и постигнуваат совршени резултати кај учениците. Затоа што го привлекува ученикот да биде гладен за знаење, за размислување и за дискутирање на одредено прашање. Затоа ние ќе се посветиме на интензивна обука на наставниците во оддленијата каде ќе почне концепцијата, за да бидат подготвени во моделирање на програмите за да постигнат резултати, рече министерката за образование и наука.

На новинарско прашање одговори дека се слушаат сите конструктивни забелешки кои се доставени во МОН, а за барањето на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за итна собраниска расправа рече дека ќе ја има, но не во собраниската Комисија за образование, туку, како што рече – средба во Собрануето на која ќе бидат поканети сите засегнати страни за да дискутираат за новата концепција.

Свои позитивни ставови за нацрт-концепцијата во изјава за медиумите искажаа тројца наставници  од Карпош, Кавадарци и Желино, кои рекоа дека ја поддржуваат зашто е корисна за сите вклучени во образованието.