По 10 часа вечерва заврши јавната седница на Апелација за жалбата на првостепената пресуда за Никола Груевски и Ѓоко Поповски за предметот „Тенк“.

Откако судијата известител ја прочита првостепената пресуда, претседателката на судечкиот совет Цветанка Пешиќ ја прекина седницата и продолжението го закажа за 5 септември.

На тоа рочиште Груевски и Поповски пред судечкиот совет ќе треба да ја образложат поднесената жалба.

Во текот на денешното судење беа правени неколку паузи, поради поднесените барања за изземање на судечкиот совет, претседателот на Апекацискиот суд, судијата известител и претседателот на судечкиот совет од страна на адвокатот Стерјо Зиков и осудениот Никола Груевски. Сите барања беа одбиени.

Инаку, седницата конечно започна во доцните попладневни часови, откако беше одбиено и четвртото барање за изземање на претседателката на судечкиот совет Цветанка Периќ, на денешната јавна расправа по жалбата за пресудата за Никола Груевски и Ѓоко Поповски за предметот „Тенк“, Груевски побара изземање на судечкиот совет и в.д. претседателот на Апелациски поради злоупотреби во АКМИС-от системот.

Груевски рече дека за време на паузата прочитал на некои од порталите дека се правеле одредени злоупотреби без почитување на АКМИС системот за распределба на предмети во судовите, во смисла на определување на судии кои ќе судат во овој предмет.

– Овој судечки совет од вчера до денеска е променет. Тоа создава сомнеж и сите вас ве прави оштетени и затоа барам изземање на сите вас и на в.д. претседателот на Апелацискиот суд, рече Груевски.

По ова беше дадено повторно пауза, по која барањето на Груевски беше отфрлено како недозволено.

Според судијката Периќ АКМИС системот не може да претставува причина за оштетеност на судиите. Седницата продолжи со читање на пресудата од страна на судијата известител. Поради обемноста на предметот претседателката на судечкиот совет рече дека ќе ја прекине расправата и ќе закаже друг термин за продолжување на седницата.