Патронажна служба составена од лекар и медицинска сестра од 1 август почна да работи во Лазарополе, каде што до крајот на летната сезона секој четврток од 9  до 13.30 часот на жителите ќе им ја дава потребната здравствена заштита и нега.

Медицинскиот тим е од  Здравствениот дом во Ростуше, а за мобилниот сервис е наменета просторија на месната заедница (старата општина) во Лазарополе, соопшти Министерството за здравство.

Министерството информира дека неговите интегрирани услуги за домашна нега од Светската здравствена организација се оценети како одлична мерка за поттикнување на унапредувањето на здравствените услуги кај граѓаните.

– Се покажа како ефикасна патронажната служба во Кочани, Ресен и Галичник, каде стручен тим оди на терен, во домовите на пациентите и се грижи за здравјето на жителите. На овој начин, здравствените услуги ги доближуваме поблиску до граѓаните, најблиску до домот на живеење, наведува Министерството за здравство.