Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави денеска дека е време Западот да размисли за воведување зона на забранети летови за руски ракети, авиони и хеликоптери како одговор на руското гранатирање на украинскиот град Харков.

Во видео-обраќање Зеленски не прецизираше како и од кого ќе биде воведена зоната за забранети летови. Тој истакна дека Русија извршила 56 ракетни напади и истрелала 113 крстосувачки ракети во изминатите пет дена од почетокот на инвазијата врз Украина на 24 февруари.

Зеленски ја обвини Русија за воени злосторства и смета дека треба да биде изведена пред меѓународен трибунал.

Тој истакна дека Русија продолжила да ги бомбардира украинските градови за време на денешната прва рунда разговори со украинските претставници во Белорусија.

– Верувам дека Русија се обидува да изврши притисок на овој несуптилен начин. Не губете време. Ние не прифаќаме такви тактики. Може да се случат фер преговори кога едната страна нема да ја гаѓа другата страна со ракетна артилерија во тек на преговорите, додаде украинскиот претседател.

Украина времено ги укинува визите за странци кои сакаат да се борат против Русија

Зеленски времено ги суспендира условите за влезна виза за сите странски државјани кои се подготвени да се приклучат на украинската Меѓународна одбранбена легија и да се борат на страната на Украина против руската инвазија.

Указот на Зеленски ќе стапи во сила од денеска и ќе остане во сила се додека е прогласена вонредната состојба.

Повикот за странски доброволци доаѓа откако руските сили извршија ракетни напади во кои се убиени десетици цивили во Харков и откако Русија ги обнови нападите врз главниот град Киев.