Украинскиот претседател Володимир Зеленски најави дека се во тек подготовки за склучување нови договори со странски партнери кои ќе ги зголемат капацитетите на украинските вооружени сили.

„Се подготвуваме во наредните недели да продолжиме со исклучително засилената активност што ја спроведуваме на меѓународно ниво. Ќе има нови договори кои ќе ги зајакнат нашите вооружени сили, одбраната на нашите градови и состојбата на нашата земја воопшто“, рече Зеленски во своето вечерно видео обраќање.

Тој им се заблагодари на сите што и помагаат на Украина и нејзината кауза.

„Никој во светот нема право да уништува независни земји. Никој. И нема да дозволиме Русија да ја уништи Украина“, рече Зеленски.

Тој ја истакна и важноста од обезбедувањето на новиот пакет воена помош од САД во вредност од 60 милијарди долари, чие усвојување е одложено во Конгресот, јави ДПА.

„Овој пакет е од фундаментално значење за нашата одбрана – и во однос на неговата содржина и во однос на сигналот што ќе му го даде на светот поддршката или не поддржувањето“, рече украинскиот претседател.

Украинските војници неодамна претрпеа сериозни неуспеси во неколку области на фронтот поради недостиг на муниција и на воздушна одбрана.

Фото: МИА архива