Обвинувајќи го Западот за препуштањето на Украина сама на себе да се соочи со Русија, претседателот на Украина Володимир Зеленски изјави дека тој не се плаши да преговара за крај на руската инвазија, но, како што вели тој, за тоа се потребни безбедносни гаранции од Москва.

Во неговото обраќање утрово од Киев, Зеленски изјави дека контактирал со неговите западни партнери за да им каже дека Украина е загрозена.

– Ги прашав – дали сте со нас? Тие одговорија дека се со нас, но дека не сакаат да влеземе во НАТО. Прашав 27 лидери од Европа дали Украина ќе биде во НАТО, ги прашав директно и сите беа исплашени и не ми вратија со одговор. Оставени сме сами на себе. Кој е подготвен да војува за нас? Искрено, не гледам никој. Кој е подготвен да и даде на Украина гаранции за членство во НАТО? Искрено, сите се исплашени, изјави претседателот Зеленски утрово.

Москва претходно му даде до знаење на Киев дека ќе преговара со Зеленски доколку тој се согласи Украина да има неутрален воен статус.

– Не се плашиме од Русија и не се плашиме да преговараме со нив за што било, безбедносни гаранции за нашата држава и неутрален статус. Но ние не сме во НАТО сега – какви гаранции ќе добиеме ние? Кои држави ќе ни ги дадат тие гаранции, праша Зеленски пред да додаде дека треба да има преговори за ставање крај на руската воена операција во Украина.

Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков вчера изјави дека руските црвени линии се Украина да има неутрален воен статус и да ги отфрли странските воени системи за напад кои се на нејзината територија и се опасни за безбедноста на Русија. Како што изјави Песков, топката сега е во рацете на Киев.

(М.П.)