Украинскиот претседател Володимир Зеленски ввчера изјави за француската телевизија дека е „шокиран“ поради тоа што Израел не им испратил оружје за да ѝ помогне на неговата војска да се бори против руските сили. Зеленски рече дека Западен Ерусалим е под руско влијание.

– Шокиран сум, рече Зеленски.

Тој одговарајќи на прашања на група новинари од повеќе француски медиуми додаде:

– Не разбирам. Израел не ни обезбеди ништо, ништо, нула. Разбирам дека тие мора да ја бранат својата земја, но добив информација дека Израел го извезува своето вооружување во други земји, рече украинскиот претседател.

Зеленски веројатно мислеше на продажбата на Израел на својот ракетен одбранбен систем „Железна купола“ на Кипар, што беше пријавено минатиот месец, но не беше потврдено од израелската влада. Минатата година, извозот на Израел изнесуваше рекордни 11,3 милијарди долари, а 41 отсто од неговите клиенти се од Европа.

И покрај тоа што Израел ја осуди руската воена операција во Украина и ги почитуваше американските санкции кон Москва, тој не воведе свои санкции кон Русија и се воздржа од донирање оружје на Киев. Наместо тоа, Западен Ерусалим испрати заштитна опрема како што се панцири и шлемови, како и хуманитарна помош.

Ова не му се допадна на Зеленски, кој во април изјави дека посакува Украина да стане „голем Израел“, во кој граѓаните се вооружени и подготвени за воена служба во секое време.

– Имаше разговори со лидерите на Израел и тоа не ѝ помогна на Украина. Зошто да не ни дадете противвоздушна одбрана?- праша тој, тврдејќи дека „може да се забележи влијанието на Русија врз Израел“.

Нема докази дека Москва работела на влијание на израелската политика за вооружување на Украина. Сепак, одржувањето дипломатски контакт со Русија е во интерес на Израел, имајќи предвид дека Русија има воено присуство во Сирија, а израелските авиони често вршат прекугранични воздушни напади таму.

Дополнително, Русија и Израел споделуваат блиски културни врски, имајќи предвид дека околу 15 отсто од населението на Израел е со руско потекло, а Русија е дом на седмото по големина еврејско население во светот. Сепак, Западен Ерусалим и Москва се скараа околу одлуката на Русија да затвори филијала на Еврејската агенција претходно ова лето.

Според Тајмс оф Израел, Израел интервенирал за да ги спречи САД да испорачаат ракетни батерии „Железна купола“ на Украина пред почетокот на руската воена операција во февруари.