Украина ќе стане еден од клучните светски производители на оружје и одбранбени системи, а тоа е потенцијал што веќе се реализира, изјави претседателот Володимир Зеленски во синоќешното видео обраќање, цитирано од Укринформ.
-Се одржа првиот форум за одбранбена индустрија. Беше огромен успех… Нашиот нов формат со одбранбените компании – Алијансата за одбранбена индустрија – од вечерва вклучува 38 компании-членки. Тие претставуваат 19 земји, рече украинскиот претседател.
Зеленски додаде дека меѓу учесниците се САД, Велика Британија, Германија, Шведска, Данска, Холандија, Канада, Бугарија, Австралија, Белгија, нашите балтички пријатели – Литванија, Латвија и Естонија, како и Чешка, Северна Македонија, Словачка, Шпанија, Хрватска и Финска, истакна Укринформ.
Според претседателот, украинските производители потпишале 20 документи со партнерските компании за време на форумот и „секој таков документ потоа се претвора во ново производство или проширување на постоечката соработка“.
-Генерално, повеќе од 250 компании учествуваа на нашиот Форум за одбранбена индустрија, а овој форум е само прв од ваков вид. Меѓу нив имаше десетици украински компании… Нашата земја ќе стане еден од клучните светски производители на оружје и одбрана системи. И ова веќе не е само амбиција или перспектива, туку потенцијал што веќе се реализира. Благодарен сум на сите чија работа води до такви резултати за Украина!, нагласи Зеленски.
На форумот учествуваа производители на тенкови, артилерија, беспилотни летала, муниција, разработувачи на иновативни софтвери и сопственици на уникатни сложени технологии од земјите партнери, потсетува Укринформ.