Братислав ДИМИТРОВ

Во саботата се собравме неколку берберски дискутанти, врсници на чинарот во Охрид. За да не испаднеме прости, пошто сме кандидати за членство во ЕУ, седнавме во модерно кафуле. И додека лигавиме некакви коктели со цевче, дискутираме за животот, уште тоа ни остана. Нормално, сите истовремено во еден глас и со подигнати октави, на кои може да им завиди и „старо купујееем…“ Беше точно на пладне кога почнавме, а не фати и полноќ кога месечината галантно го истураше своето сребро врз нашите интелигентни чела (покрај кафе, кладов и малку поезија колку да заличи колумнава). Сите дојдоа, освен нашиот истакнат маалски филозоф Мане Кант. Наводно, „не бил спремен за темата“. Ама и ние не сме вчерашни. Од дежурните кодоши дознавме. Рекол дека сме доволни глупи и без неговото присуство.

Така почна.

Да ви кажам право, животот има мани, ама и ние не сме совршени, изјавува првиот дискутант. И продолжува интензивно да ги користи услугите на чепкалката за заби, кои последен пат се сретнале со забар на систематски преглед во осмолетка. Не е важно кога човек ќе се роди, важно е кога ќе умре, се надоврзува вториот и се зачешува на едно срамотно место за да не се урочи. А бе некако се свикнав на ова животов да го онадам и сега ме мрзи да мењам нешто у онаквоото, поентира третиот чувствувајќи се во животот удобно како во стара разгазена кондура. Слушај, арно што го спомнавте животот! Живееме во времиња кога секој опинок сонува да стане чизма, а секој вол сонува да стане трактор. Ја затворивме нашата дискусија како хауба од „фиќо“ и тргнавме накај дома за да не нè прогласат за исчезнати лица. Иако, ако зборуваме искрено, на нашиве години таквата можност е само теоретска доколку добро се пратиме на темава.

Каков е светот? Каков сака нека биде, тоа си е негова работа. Наша работа е какви сме ние? Примери има многу, но ние ги одбравме тие што нè прават големи во сопствените очи, не за друго, колку да бидеме објективни. Минатата недела едно евро-атланско семејство, сопругот Американец, а сопругата Англичанка, ги поканува своите македонски пријатели на вечера во еден скопски ресторан. Странциве се интелектуалци, одлично ситуирани и добро информирани за нашава ситуација. Ја знаат и скромната финансиска состојба на своите скопски пријатели. Џабе им е. Немаат шанси. Нашиве се Македонци, што значи фаворити.

Почнуваат големи и темелни подготовки. Македонската жена верна на светлите традиции опишани во драмската литература оди на козметичар, фризер, педикир, маникир и држи диета до последен момент. Ни најголемата зима и жуљевите не може да се справат со нејзината историска решеност да биде елегантна и секси. Ја облекува највисоката и најскапа штикла што е произведена за сликање во „Гламур магазини“. Ги реди сите накити на себе, а за таму каде што фали, позајмува. Парфеми, башка.

И нашиов не се дава. Држи чекор. Парира. Откако ќе нафрли италијанско одело на патриотска плешка, ќе стегне чворче на кравата околу вратни жили и ќе се нашлапа со колонска вода во количина вредна 100 евра според курсот на Народната банка, го лепи за рака мобилниот телефон, најнов модел. На таа направија, која ја измислил лично ѓаволот, добива важни информации. Последниот пат кога ѕвонеше, жена му го потсети да купи грав, кромид и да ја заборави колата пред зграда наредните часови.

Влегуваат во ресторанот. Американецот е во војна со естетиката и затоа се сместил во некои широки сомотски панталони и фланелска кошула. Не носи мобилен пошто сакал на раат да си вечера плус имал тешкотии да зборува со полна уста. За да не губиме време, само ќе ви кажам дека Англичанката, поради почит кон пријателите и ресторанот, наместо „боросанки“, облекла удобни кондури, кои кај нас се познати со името патики. Тоа објаснува зошто со векови биле империја.

Седнуваат на маса. Од едната страна  ние, од другата „западот“. Ние изгледаме како само што сме излегле од некој светски моден часопис, а тие како синдикални летувалци, кои штотуку излегле од своето шаторче оптегнато во кампот „Андон Дуков“ во поетската Струга. Почнуваат нарачките. Тука никој не може со нас. „НАТО-зликовциве“ сè нешто се фемкаат. Дали да нарачаат две или три ќебапчиња од особа (прибидејќи веќе каснале некое салатче) или веднаш да преминат на чаша вино? За полесно да ги сфатите обемот и квалитетот на нашите нарачки, нека послужи за илустрација фактот дека нашата најскромна нарачка беше од пиле млеко, па сега ти види.

Во ресторанот музиката ги доживува своите ѕвездени мигови. Шибаат музикантите од „Очи чорние“, „Стренџерс ин д најт“, преку „Калашников“, „Чаешукарие“ и чочеци, до бечки валцер и „Зајко кукурајко“ по нарачка. Со еден збор, широк дијапазон на уметничко изразување. И најважниот момент, музика на увце. Тука Македонецот е во елемент. Лепи пари по тоа музикантите како таксени марки пред социјалистички шалтер. Странциве уживаат. Многу е егзотично и поевтино тука отколку да се ашкаат на сафари или да се ѕверат во пирамиди и песок.

Доаѓа моментот за плаќање и, нормално, луѓево сакаат да си го платат својот дел бидејќи тие поканиле на вечера. Не! Ќе ме навредите! Срипува Македонецот и гласно се извикува: „Што пие кафана!?“ Странциве формално-правно вадат новчаник. Македонецот не се плаши од таквите закани. Храбро изјавува дека доколку не плати тој, ако мора, и крв ќе падне! Американците како воена сила се незгодни, ама како цивили се кукавици и кој стигне ги зафркава. Што сака им прави. Таков е случајот и сега. Плаќа нашиов и остава бакшиш ко пијан милионер. Еден куп храна останува на масата. Во сиромашни држави келнерите рутински ја пакуваат храната и ви ја даваат за дома. Кај нас таква брука ретко се случува. Ама дома не биле платени сметките? Не гледам ни сметки ни бутур, нека пукнат душманите!

Дека глупоста не е само приватна работа, туку е и државна стратегија, зборува следниот пример од културата и уметноста. Јас сум еден од многуте сведоци. Пред доста години еден наш и еден француски театар имаа размена на гостување со по една претстава. Оди нашиов театар во Франција и по претставата, екипата влегува во бифето на коктел што го организираат домаќините во наша чест. На масите вино, сок и неколку чаши со грисини и чипс!? (Неправедно го осудуваме тој Запад дека е богат само поради нивниот империјализам и колонијализам. Едноставно, луѓето си штедат). Нашиве поседуваат неколку минути на „коктелов“ и брзо истрчуваат надвор. Шпартаат низ француските улици со надеж дека негде ќе најдат барем некое печено коковче, колку да убијат малку глад. И кога сфатиле дека ништо не работи во тоа време (!?), удриле шпринт накај својот хотел за да прочепкаат по стоковите резерви понесени од Скопје.

Доаѓаат Французите со својот театар во Скопје. Сега ќе ги заебеме! По претставата, нашиве организираат коктел. Кога влегле Французите во бифето, помислиле дека е некоја свадба и тргнале да си одат. Нашиве тука ги начекале. Им рекле дека се на вистинското место и дека тука ќе има мала закуска и мезе, а после ќе се оди негде на вечера. Французиве гледаат и не веруваат на сопствените француски очи. По масите купишта свинско, пилешко, јагнешко, со силна логистичка поддршка на ќебапчиња, кременадли, вешалици, увијачи, одвијачи, суви ребра, пити пастрмајлии… Море вина, ракии, пива, виски, коњаци, оранжади, синалка, газози, кокти… И да не должам, со еден збор, ги посрамотиле Французиве, а ние на крајот сме испаднале најпаметни, исто како во народните приказни!

А каков е светот? Светот е вулгарен, себичен и циничен. Кога некој се дави, тие, наместо гума, му фрлаат розов пешкир.

МИА