Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при УКИМ во Скопје од денеска до 26 јануари ќе ја организира Четврта зимска школа. Како што информираше директорката на МСМЈЛК при УКИМ Кристина Николовска, истата ќе се одржи на далечина, а ќе учествуваат 81 семинарист од целиот свет.

-Радува фактот што годинава, со нов концепт и со проактивност, поттикнавме огромен интерес за македонистиката во светот. На Зимската школа ќе учествуваат 81 семинарист од целиот свет, а импресивна е палетета на учесници од 21 земја – НР Кина, САД, Австралија, Германија, Франција, Турција, Полска, Словенија, Чешка Република, Унгарија, Грција, Бугарија, Романија, НР Кореја, Јапонија, Хрватска, Србија, Руска федерација, Украина, Италија и Тајланд, рече Николовска.

Таа додаде дека годинава, програмата на Четвртата зимска школа има нов коцепт, многу новитети и богати содржини. Семинаристите, како што рече, ќе работат во две секции – јазична и литературно-културолошка (со преведувачка работилница).

-Покрај лекторските вежби, за првпат има и предавања по македонска книжевност и култура од еминентни професори. Со нов концепт годинава е курсот за македонска книжевност и култура кој ќе овозможи поширока палета содржини како што се предавања од средновековна книжевност, народна книжевност, македонскиот 19 век, современа македонска поезија, кулутрологија и популарна култура, рече Николовска.

Таа додаде дека на преведувачката работилница ќе се работат препеви на поезијата на великаните Гане Тодоровски и Петре М. Андреевски, од коишто потоа ќе се печатат два Зборника поезија со кажувачки. Програмата предвидува и средби со врвни македонски писатели: академик Влада Урошевиќ, Јордан Плевнеш и Венко Андоновски, и со младиот талент Македон Димитровски.

За време на денешното свечено отворање на Четвртата зимска школа, проф. д-р Биљана Ангелова, ректор на УКИМ, посочи дека Меѓународниот семинар при УКИМ е реномирана матица и активен расадник на македонистиката во светот, којшто својата дејност ја развива преку 11 македонистички лекторати во девет земји.

-Горди на традицијата и на името на патроните на нашиот Универзитет, големите мисионери на сесловенската писменост и култура, во годината кога славиме јубилеј 75 години од основањето на Универзитетот, ги отвораме вратите на македонистиката кон македонистите од целиот свет, додаде Ангелова.

Ангелова им се заблагодари на семинаристите кои со децении ја умножуваат, шират и застапуваат македонистиката насекаде низ светот преку лингвистичка, книжевна, културолошка и преведувачка дејност.

-Најновото издание на Четврата зимска школа го краси висока креативност, инвентивност и отворање кон суштински теми од лингвистика, наука за книжевност, културологија и препрев. Големиот интерес на 81 семинарист е потврда дека македонистичката мрежа од целиот свет е во постојана експанзија и во охрабрувачки подем. Македонистите од светот сé повеќе покажуваат интерес кон: изучување на македонскиот јазик, македонската книжевност и кулутра, а за тоа МСМЈЛК при УКИМ искажува отвореност и подготвеност, рече Ангелова.

Фото: МСМЈЛК при УКИМ во Скопје