На претстојниот самит на НАТО во Вилнус, Литванија, лидерите на земјите членки на воената алијанса ќе разгледуваат кандидатури за новиот генерален секретар на НАТО, изјави амбасадорката на САД во НАТО, Џулијана Смит.

Самитот на НАТО е закажан за во јули, a мандатот на Јенс Столтенберг завршува на 30 септември, откако лани во март беше поддржанa идејата на претседателот на САД, Џо Бајден, за продолжување на неговото успешно лидерство, а поради тоа што Русија започна војна во Украина.

Амбасадорката Смит синоќа одржа брифинг за новинарите, а во пресрет на денешните и утрешни важни активности на НАТО за политичка координација во седиштето на алијансата во Брисел. Земјите од НАТО имаат две важни средби неделава, средба на министрите за одбрана од земјите членки на алијансата денеска и утре, и средба на Контактната група за одбрана на Украина денеска, чиј домаќин се САД.

-Средбите на контактната група ќе бидат модерирани од министерот за одбрана Лојд Остин и генералот Мајк Мили. На неа ќе учествуваат министрите за одбрана на повеќе од 50 земји, вклучително и министерот за одбрана на Украина, Резников, рече амбасадорката.

Таа истакна дека на средбата ќе се разгледуваат потребите за повеќе безбедносна помош за Украина „и придвижиме колку што е можно побрзо работите да стигнат до нивните раце за да продолжат да ја браната својата територија“ од руската агресија.

Во врска со наследникот на Столтенберг, амбасадорката Смит кажа дека на самитот во Вилнус „треба да донесеме одлука кој ќе го наследи Јенс Столтенберг, и мислам дека сојузниците ќе имаат што да кажат за тоа“.

Во врска со рускиот проектил што прелета над територијата на Молдавија, а според некои непотврдени извештаи ракетата надлетала и дел од територијата на Романија, НАТО членка, Смит укажа дека засега САД засега не гледаат закани по територијата на НАТО

-Сепак, сојузниците испратија јасна порака до Русија, дека ќе го бранат секој сантиметар од територијата на НАТО и затоа многу членки испратија дополнителни војници во Источна Европа, веднаш по почетокот на војната, а да се осигураме дека ги покриваме реалните безбедносни потреби на нашите сојузници од источното крило, истакна амбасадорката,

Се приближува годишнината од почетокот на руската инвазија на Украина. Во врска со тоа Смит истакна дека главна одлика на годината што измина се „исклучителното ниво на сојузништво што се гледа насекаде во оваа алијанса поврзано со Украина“.

-Импресионирана сум од нивото на обединетост што сојузниците го покажуваат. Не гледам знаци дека некоја земја се поместува од нивната поддршка за Украина. Никој не сака да излезе. Гледам силна, едногласна поддршка од целата алијанса за правото на Украина да се одбрани, и длабоко го ценам тоа за што Украина се бори, рече Смит.

Сојузниците разбираат дека Украинците не се борат само за одбрана на суверенитетот и територијата на Украина, туку и за вредностите кои ние ги цениме и сакаме да ги заштитиме.