Јас се слушнав со Американците, рекоа дека можеби е добро да го посетам, му рекол министерот Бујар Османи на премиерот Димитар Ковачевски, раскажува сега веќе бившиот земник министер Зоран Димитровски во интервју за Радио Лидер.

Министерот за надворешни работи Османи го посетил тепаниот Христијан Пендиков во Софија во „договор со Американците“, а одлуката дошла во време кога Османи веќе бил на дводневно скијање во  Боровес, во Бугарија, тврди заменик-министер за локална самоуправа од Демократскиот сојуз, Димитровски кој си поднесе оставка по излегувањето на неговата партија од владејачката коалиција.

Димитровски раскажа дека кога се случил инцидентот со тепањето во Охрид, премиерот Ковачевски имал средба со своите коалициони партнери на која Ковачевски им раскажал дека Османи го информирал оти ќе го посети Пендиков, односно дека посетата не била негова или одлука на Владата.

– Во тој момент еден од присутните го праша премиерот, добро зошто во тој случај го испраќате Бујар Османи во болница во Софија, да го види повредениот, да се извинува и така натаму. Премиерот тогаш ни одговори, не го испративме ние, ми се јави синоќа Бујар Османи и ми рече јас ќе одам во Софија, утре, и го прашал зошто одиш во Софија, па Османи му рекол ќе одам два дена на скијање во Боровец и ќе одам утре во Софија, да го видам Пендиков. Зошто ќе одиш да го видиш Пендиков? Настанот е малку контроверзен, го земаа со авион и така натаму. И добро зошто ќе одиш да го видиш Пендиков, сè уште не е расчистен случајот, имаме полициска истрага во која гледаме дека случајот е за дрога. Па Бујар Османи му рекол знаеш јас се слушнав со Американците, рекоа дека можеби е добро да го посетам заради тензиите да се намалат меѓу двете страни, раскажа Димитровски.