Претседателот на САД, Џо Бајден излезе вчера со изјава околу позитивните економски резултати на неговата аадминистрација соопштувајќи дека „големото враќање на Америка продолжува“.

Во соопштението тој го истакна извештајот на Министерството за труд за новоотворените 275.000 работни места во февруари.

Додаде дека со неговото доаѓање на власт во 2021 година „во текот на најдолг период во изминатите 50 години невработеноста е пониска од нивото од четири отсто, платите растат а инфлацијата продолжува да се намалува“.

-Синоќа ја презентирав својата визија за иднината на Америка, таква во која ќе градиме економија од долу нагоре, каде се инвестира во сите Американци и каде средниот слој ќе има еднакви можности, и никого нема да оставиме позади, изјави Бајден.

Додаде дека пред три години тој наследил економија што била пред пропаст. „а сега економијата е предмет на завист во целиот свет“.

Според последниот извештај на Бирото за статисткика на Министерството за труд, во економијата на САД во февруари биле создадени 275.000 работни места, а стапката на невработеност пораснала до 3.9 отсто.

Притоа, „економистите очекуваа американските работодавачи во февруари да создадат околу 200.000 работни места а стапката на невработеност да остане стабилна на нивото од 3.7 отсто“.

Од анкета на „Волстрит џорнал“ објавена неделава се дознава дека „31 отсто од избирачите изјавиле дека економијата се подобрила во изминатите две години, а тоа 10 отсто повеќе од претходниот месец“.

-Ако оваа тенденција се задржи, тоа може да ги зголеми шансите на Бајден за реизбор. Кога се кандидираше за втор мандат во 2012 година Барак Обама имаше полза при сличен развој на настаните, се вели во денешна анализа на „Вашингтон пост“.