Вкупно 18 деца заразени со коронавирусот се лекуваат во Институтот за белодробни болести кај децата „Козле“, а две од нив се на кислородна поддршка, информира за Алмакос директорот на болницата Бесник Зеќири.
Тој додава дека децата се во добра состојба. Болницата во последните недели е полна со родители и деца кои ги носат на преглед, поради различните вирози кои се јавуваат во овој период од годината, вели Зеќири, но само децата кои се позитивни на коронавирусот се примаат на болничко лекување.
„Во институтот „Козле во моментов има вкупно 18 деца на возраст од бебиња до 18 години. 70 отсто од нив се деца на возраст од 12 до 18 години. Во овој момент, на две од децата им е потребен кислород, а состојбата им е генерално стабилна,“ изјави Зеќири.
Во последните две недели, бројот на хоспитализирани деца не се спуштил под 15. Сега има помалку случаи на Ковид-19 кај мали деца, а расте уделот на децата на училишна возраст меѓу згрижените, вели директорот.
Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, во изминатата недела имало голем пораст на бројот на новозаразени деца на возраст од 0 до девет години – забележани се 114 нови случаи.