За да си одиме сите како победници би можеле да имаме предвремени избори во октомври 2020, два месеца порано од редовните, рече премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата во Владата на која упати повик за лидерска средба в петок во Клубот на пратеници.
Со одење на избори сега, како што посочи, шест месеци ќе се уништи државата во делот на економијата.
– Останувам на ставот дека треба да одиме на редовни избори. Брзи предвремени избори видовме до каде ја донесоа државата заради политички консултации. Ако требаше да се оди на предвремени парламентарни избори, ќе ги распишевме заедно со претседателски избори. Редовни избори треба да има во декември 2020 година, а јас немам проблем да бидат закажани во октомври догодина, рече Заев.
Истакна дека во моментот не гледа никаква аргументација за предвремени избори, освен што ќе се блокираат одредени процеси.
Според него, заради граѓаните и поголемата излезеност подобро е изборите да се одржат во октомври, а не во декември следната година.
– Мислам дека во зима, по снег, не треба да се одржуваат избори, не заради политичарите, туку заради граѓаните. Сакаме поголема излезеност и зошто да биде декември кога тоа можеме да го направиме во октомври кога уште не е тешка зима, дополни Заев.
Сите тешки политички одлуки, посочи, биле донесени за да се даде шанса на економијата и заради економски стандарди и иднина треба да се даде шанса на економијата.
– Ако некој се плаши од идните економски резултати, и тоа како има причина да се плаши заради тоа што се имаше храброст и се донесоа одлуки без оглед на политичката цена што треба да се плати. Сега доаѓаат економските теми на кои треба да одработиме и согласно кои нашиот народ ќе има бенефит и логично е јас очекувам да ми дадат поддршка за втор мандат. Тоа е многу логично и тоа е легитимна цел на премиерот, опозицијата сака таа цел да ја минимизира, рече Заев.
Според него, нема никаква логика да се оди на избори и да се пропуштат можности за раст на економските параметри, што било случај во сите држави кога станувале членки на НАТО или почнувале преговори за членство во ЕУ.