Владата ја објави програмата за прославата на најголемиот национален празник Илинден, кој годинава се одбележува под мотото „Сите сме деца на Илинден“.
Прославата во Крушево започнува вечерта на 1 август на Гумење со церемонија за започнување на „10 дена Крушевска Република“ која ќе биде заокружена со богата музичка програма.
Свечената церемонија на 1 август започнува во 19:35 часот со интонирање на државната химна, по што ќе се обрати градоначалникот на Крушево, Томе Христоски. Со импровизирано пукање од Црешовото топче и со огномет ќе биде означен почетокот на програмата, по што следува музичкиот дел.
Присутните гости во 20:30 часот ќе ги забавуваат гитарските Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ.
По нивниот настап, со почеток во 22 часот, композиторот, аранжер и клавијатурист Џијан Емин придружуван од Филхармонија и Здружението на џез-уметници ќе одржи електро-акустичен концерт. По концертната програма, на полноќ ќе биде изведен традиционалниот импровизиран напад на градот.
Свеченото одбележување на 116-годишнината од Илинденското востание и 75-години од Првото заседание на АСНОМ продолжува на 2 август, кога на Мечкин камен ќе биде одржана Централната свеченост по повод државниот празник Ден на Републиката – 2 Август, Илинден.
На свеченоста ќе се обрати Зоран Заев, по што е предвидена свечена културно-уметничка програма.
Дел од програмата, во рамки на прославата на Илинден, се и настапите на Ансамблот Танец, КУД Емин Дураку и мешаниот хор Крушево.