Изминатиот период македонската јавност беше сведок на низа коруптивни и криминални скандали во кои што главна улога беа луѓе кои што се дел од врхушката на власт, или луѓе кои што се блиски до врхушката на власт. И наместо како што тоа треба да го прави одговорна влада која што треба да се бори бескомпромисно со криминалот без разлика кој е сторителот и кој е предизвикувачот на тој криминал, ги видовме Зоран Заев и претставници на врхушката на власт кои се обидуваат несмасно да ги прикријат овие скандали така што во јавноста отпочнаа една нова кампања каде што велат дека всушност не било сега време за предвремени парламентарни избори бидејќи ние сме блескале и економијата била со рекордни резултати, изјави на прес конференција претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и додаде:
„Но, какви се фактите? Во интерес на вистината јас би сакал денеска да зборувам за вистинскиот, реалниот свет, а не за оној паралелниот во кој што живее Зоран Заев, криминалците околу него и луѓето кои што се негови обожаватели и кои што велат дека всушност политиките на владата во делот на економијата ги носат потребните ефекти. Какви се вистинските резултати во оној вистинскиот свет каде што луѓето се борат со сиромаштијата, каде што луѓето во своите џебови носат празни паричници? Имено, Зоран Заев и луѓето околу него на крајот од 2018 година на прес конференција ќе објават дека рекордно ниво постигнала просечната плата во месец декември 2018 година, во износ од 25.784 денари. Тогаш велевме дека потребно е да бидат сериозни и да и ја соопштат на македонската јавност вистинската и реалната економска ситуација во државата и дека тоа е исклучиво резултат на погубните политики од аспект на зголемените даноци кои што во тој период следеа од јануари месец 2019 година и дека всушност во декември месец се исплаќаат бонусите и се исплаќаат дивидентите за сопствениците и менаџерите на компаниите.“
-Дека бевме во право, веднаш потврда стигна од јануари месец 2019 година па се до мај 2019 година, кога просечната плата е за 1.113 денари помала од таа која што ја објави Зоран Заев и тогашниот трет член на економскиот цунами тим во Владата на Република Македонија, господинот Тевдовски или за 4,5 проценти пониска, од таа која што тој ја објави во декември месец 2018 година, посочи Мицкоски и потенцираше:
„Потоа, продолжија да се фалат со директните странски инвестиции и велеа дека се рекордни во 2018 година и дека надминале историско ниво. Каква е реалноста? И тогаш велевме дека е тоа резултат на зголемените даноци кои што ќе следат во следната 2019 година, дека тој резултат на реинвестираната добивка на странските инвеститори кои што се резултат на напорите на некој претходни влади. Но, продолжија да ги лажат, што е и нивна карактерна особина, сопствениот народ и сопствените граѓани и демант на нивните тези, а потврда на нашите тези веќе стиган во првиот квартал од 2019 година кога нивото на директни странски инвестиции изнесува 21,6 милини евра, што е за 90-тина проценти помалку од истиот тој прв квартал во 2018 година.“
Според Мицкоски од неофицијалните податоци кои што ги добива, во месец април имаме незначително зголемување на директните странски инвестиции но потоа имаме повторно одлив во месец мај, и таков одлив се очекува во месец јуни бидејќи доаѓаат до исплата на дивидендата или повторно ќе имаме една катастрофална ситуација во вториот квартал од 2019 година за директните странски вложувања во Република Македонија.
-Индустриското производство во првиот квартал 2019-та година, оној квартал кој што се споредување со исклучително катастрофално нискиот прв квартал во 2018-тата година. Се сеќавате на оние насмеани лица на двоецот, сега веќе двоецот не е троец, Анѓушев – Заев на онаа прес конференција во Владата, изнесува речиси 9 отсто, но додека пак во вториот квартал имаме исклучително катастрофално ниско ниво на пораст на индустриското производство од 1,33 отсто, т.е. трендот на опаѓање од април месец до јуни месец се движи со следните стапки, посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и подвлече:
„Имаме раст од 5,5 отсто во месец април, имаме опаѓање во месец мај од 1,2 отсто, имаме негативно салдо на индустриското производство од 2,7 отсто во месец јуни.
Значи имаме пониско индустриско производство во вториот квартал во 2019-та година отколку индустриското производство во првиот квартал од 2019-та година. Бројот на работниците во индустријата во првиот квартал од 2019-та година беше зголемен за 1,2 отсто, додека пак во вториот квартал од 2019 година споредено со вториот квартал во 2018-та година имаме намалување на бројот на работниците во индустријата од 2,3 отсто.
Извршените градежни работи во месец април се за 10 отсто пониски од истите извршени градежни работи од месец април 2018-та година. Во месец мај ситуацијата е уште покатастрофа, 20-тина проценти пониски извршени градежни работи во 2019-та споредено со извршените градежни работи во 2018-та. За 15 отсто имаме помалку извршени градежни работи во периодот април-мај 2019-тата споредено со април-мај 2018-та година.“
Според него сето ова вели дека вториот квартал од 2019-та година ќе биде исклучително лош и растот може да биде незначителен или да биде еднаков на нула, доколку повторно како што тоа беше пракса во минатото, премиерот неколку денови претходно ни ги кажува бројките кои што треба да ни ги соопшти Државниот завод за статистика.
-Доколку Државниот завод за статистика професионално ги обработи параметрите од вториот квартал, тогаш економските резултати во вториот квартал од 2019-тата година ќе бидат исклучително, исклучително катастрофални. Блескаме само во оној свет кој што го живее Зоран Заев и неколкумина обожаватели и апологети околу него, рече Мицкоски.
Додаде дека ситуацијата во буџетот е катастрофална.
„Доколку се анализираат извештаите кој што управата за јавни приходи ги публикуваше, заклучно со месец мај, откако ние ги објавувавме тие резултати, престанаа да објавуваат извештаи за месец јуни. Ситуацијата е следна. Во првите шест месеци потребно било, планирано било да бидат наплатени 43,4 милијарди денари, а во суштина биле наплатени околу 39,3 милијарди денари. Односно кусокот кој што во буџетот се слеал или требало да се слее, а резултат на катастрофално лошото работење и приходување од страна на Управата за јавни приходи е некаде околу 4,1 милијарди денари.
Посебно е катастрофална ситуацијата во вториот квартал, или таа е за некаде нешто помалку од 12 отсто послаба наплата имаме од онаа која што е предвидена со претходниот план на почетокот на годината.“
-Имено, во месец април имаме речиси 6 отсто помала наплата од планираната, во месец мај имаме речиси 13 отсто, додека пак во месец јуни имаме речиси 16 отсто помала наплата од онаа која што била планирана на почетокот на годината. Економската и финансиска моќ на компаниите и на граѓаните е катастрофална и затоа уште еднаш, почитувани претставници на медиумите, почитувани присутни, ќе ја повторам тезата дека живееме во два паралелни света со господинот Заев. Едниот е неговиот, оној многу малиот исполнет со малкумина обожаватели кои што му велат дека блескаме, и оној којшто го живеат граѓаните на Република Македонија во беда, во сиромаштија и со празни паричници., изјави Мицкоски потенцирајќи:
„Извршувањето на буџетот како петти параметар којшто на денешната прес конференција ќе го анализираме во периодот јануари-јуни е исто така катастрофален кога станува збор за развојот на Република Македонија од аспект на инвестиции во капиталните расходи. Имено, реализацијата на приходите и расходите е некаде околу 45 отсто од она коешто било планирано на почетокот на годината, но она што загрижува и што беше вистински мотив на Зоран Заев да го приграби министерството за финансии е обидот да сите ненародни, сите криминални, сите погрешни политики во изминатиот период да се обиде преку државниот буџет да ги корумпира, да ги корумпира граѓаните и гласачите во Република Македонија мислејќи и играјќи на картата на кратко помнење. Имено, трансферите имаат реализација над 50 отсто. Кога сме кај капиталните трошоци и кога сме кај капиталните расходи, нивото на реализација е катастрофални и ниски 20-тина проценти.“
-Се сеќавате кога заменик претседателот на Владата, господинот Анѓушев кажа дека таа не била точна бројка, односно го демантираше претседателот на Владата неговиот претпоставен и сегашен сива еминенција во Министерството за финансии, господинот Заев коешто пак министерство во реализацијата на буџетот публикуваше параметар од 20-тина проценти катастрофална реализација на капиталните трошоци. Додека пак дефицитот е на реализација некаде околу на 40тина проценти. Или доколку до крајот на годината дефицитот се реализирал онака како што бил планиран тогаш капиталните инвестиции нема да надминат стапка на реализација поголема од 50тина проценти, т.е. да сумирам, ќе недостасуваат некаде околу 200 милиони евра коишто биле потребни и коишто биле планирани за капитални инвестиции во Република Македонија, заклучи Мицкоски велејќи дека вистинското прашање е каде ќе отидат тие пари?
„Тие пари ќе отидат преку трансфери во обидот на Зоран Заев да ги затскрие ненародните криминални политики кои ги води неговата Влада и да месеци пред избори се обиде да игра на картата на кратко помнење кај граѓаните и истите тие да ги корумпира преку таков тип на трансфери. Што е тука погрешното? Погрешното е што дефицитот и планираните раздолжувања кои што ќе ги прави Владата на Република Македонија се финансираат со дополнителни задолжувања. Тие задолжувања во првите 6 месеци од годината се на ниво од отприлика 16 милијарди денари, 16 милијарди денари, 9,5 милијарди денари се средства коишто ги финансираат овие егзибиционистички и антибизнис политики на Владата на Република Македонија предводена од Зоран Заев. Преку државните записи 5,5 милијарди денари се финансирани од депозитите коишто ги има Владата во рамките на Народна банка на Република Македонија и некаде една милијарда денари се странски заеми и други приливи коишто се слеваат во буџетот.“
-Со други зборови, да сумирам, оваа антибизнис и оваа антиекономска политика на Владата на Република Македонија којашто ја предводи Зоран Заев ја турка Македонија назад и е вистинска слика на вистинските политики и намери на Зоран Заев кога сакаше да се само прогласи себеси за министер за финансии и да ги приграби финансиите на граѓаните кои што се слеваат во Буџетот на Република Македонија.
Ние како опозиција за овие вистински намери, но и за намерите на Зоран Заев во периодот кој што претстои да издаде уште една државна обврзница за да може да ги финансира овие авантуристички политики, ќе ги информираме сите меѓународни претставници. Сите меѓународни претставници, политички, но и финансиски кои што се во Република Македонија, дека на следните парламентарни избори доаѓа до промена во Владата на Република Македонија, победува ВМРО-ДПМНЕ, потенцираше Мицкоски и подвлече:
„ВМРО-ДПМНЕ ќе ја предводи Владата на Република Македонија и ваквиот тип на авантуристички потези на Зоран Заев и владата кој што тој ја предводи нема да можеме да ги толерираме и можеби ќе биде доведено под знак прашање нивното сервисирање. Затоа уште еднаш апелирам на разум и вистинско водење и водење грижа за касата која што практично треба да се занимава со развој на Република Македонија, а не корупција и скандали кои што се практично се дел од секојдневието во Република Македонија. Доаѓа обнова и доаѓа победа на следните парламентарни избори и формирање на нова влада која што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ.“